„Егзит“, официјално најдобриот голем европски фестивал, и Студентскиот културен центар од Нови Сад, и годинава отворија конкурс за млади музичари на кои ќе им се даде можност да настапат на некоја од бините на Петроварадинска тврдина од 12 до 15 јули.
Лани на овој конкурс се пријавија над 450 автори од целиот свет, а избрани беа 33 најдобри изведувачи од нив, кои настапија на бините „Фјучр шок“, „Фјужн“, „Експлозив“, „Ноу слип Нови Сад“, „Денс арена“ и други. Оваа година „Егзит“ ги отвора своите врати за најдобрите групи и уметници од целиот свет, кои ќе настапат на бините низ тврдината. Бендовите, диџеите и кантавторите веќе можат да се пријават преку апликацијата на сајтот www.exitmusic.rs, а конкурсот ќе трае до 4 мај.
Селекторскиот тим, покрај менаџерите на бините, го сочинуваат и музичката новинарка на РТС и авторка на емисијата „Бунт“, Бранка Главониќ, Никола Јовановиќ од САЕ институт Белград, коосновачот на „Концерт на годината“ и в.д. директор на СКЦ Нови Сад, Обрад Боба Шкрбиќ, радиските водители Душан Мајкиќ, Дашко Милиновиќ и Алма Ковчиќ, програмскиот уредник на Студентскиот културен центар Нови Сад, Игор Тодоровиќ-Згро, како и главниот уредник на магазинот „Хардвајрд“, Марко Ристиќ.