ПРИЛЕП

Во Центарот за јавно здравје во Прилеп официјално започна со работа молекуларната лабораторија, која е во состав на микробиолошката лабораторија, во која се вршат ПЦР-тестови за потенцијални пациенти сомнителни на ковид-19.
– Ова е уште еден добар момент за нашата општина, затоа што резултатите од направените ПЦР-тестови во молекуларната лабораторија при Центарот за јавно здравје, граѓаните ќе ги добиваат истиот ден кога им е извршено тестирањето за ковид-19. Со тоа, граѓаните побрзо и навремено ќе доаѓаат и до резултатот од ПЦР-тестирањето за патување во странство или за какви било други нивни потреби – изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Јованоски се осврна и на најавите од премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, за формирањето пункт за масовна вакцинација против ковид-19 во Општина Прилеп.
– Се надевам дека во наредните 10-15 дена ќе го имаме на располагање и пунктот за масовна вакцинација, кој ќе биде сместен во спортската сала во Средното медицинско училиште. Упатувам јавна порака, потребно e сите да се вакцинираме, затоа што масовната вакцинација е начинот на кој ќе ја победиме пандемијата – нагласи градоначалникот Јованоски.
Директорката на Центарот за јавно здравје, Драгица Николоска, вели дека брисевите земени од граѓаните на Прилеп и околните општини, кои се сомнителни на коронавирус, нема повеќе да се испраќаат во Скопје, туку испитувањата ќе се вршат во молекуларната лабораторија во прилепскиот Центар за јавно здравје.
– Досега брисевите беа испраќани во лабораторијата за вирусологија во Институтот за јавно здравје, а од денеска тоа ќе се прави во нашите простории. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на сите оние што помогнаа да се реализира овој голем проект. Во овие услови, капацитетот на лабораторијата е 60 теста во текот на еден ден – истакна Николоска.

Николоска нагласи дека целата инвестиција изнесува околу 3,5 милиони денари, при што голема помош дале повеќе општествено одговорни компании, меѓу кои Мермерскиот комбинат, Тутунскиот комбинат, „Филип Морис“, „Комфи Ангел“, „Гентерм“ и „Дрекслермаер“ од Кавадарци. Молекуларната лабораторија ќе остане во функција и по завршувањето на пандемијата на ковид-19 и ќе се користи за дијагностицирање на многу други вирусолошки и бактериолошки заболувања.
Што се однесува до исполнетоста на капацитетите на прилепската болница, директорката Кети Смилеска информира дека состојбата полека се стабилизира и дека адаптираните ковид-центри еден по еден се затвораат.
– Од вчера повеќе нема пациенти во ковид-центарот во Одделението за гинекологија, кое по извршената дезинфекција ќе биде ставено во нормално функционирање. Од петок, истата постапка ќе биде спроведена и во Очното одделение, бидејќи бројките на хоспитализирани овозможуваат да има доволно слободни места. Во моментов се хоспитализирани 48 пациенти, а бројот на слободни кревети изнесува 88, што овозможи затворање на дел од ковид-центрите – нагласи Смилеска.