Политичката криза во Британија дополнително се продлабочи откако ниту една од осумте опции за брегзит не доби мнозинство во парламентот. Британските пратеници ги одбија сите понудени различни опции за излегувањето на Британија од Европската Унија, кои требаше да бидат алтернатива за договорот што премиерката Тереза Меј го постигна со Брисел, а кој парламентот веќе двапати го одби. Меј во парламентот порача дека ќе се повлече од функцијата откако ќе се финализира договорот за брегзит, пренесуваат светските медиуми.
Меѓу опциите за кои британските пратеници гласаа беа напуштање на Унијата без договор, останување во царинска унија и единствениот пазар на ЕУ, организирање референдум за договор за напуштање на ЕУ, како и поништување на брегзит, ако излезот од Унијата без договор стане реална опција. Според Би-би-си, најголема поддршка доби планот за останување во царинска унија и по брегзит. Пратениците планираат да го намалат списокот на опциите за кои повторно ќе гласаат в понеделник.
Истовремено, Меј им порача на пратениците од нејзината Конзервативна партија во Долниот дом на парламентот дека ќе се повлече од функцијата откако ќе се финализира договорот за брегзит.
– Колку што се сеќавам, таа рече дека нема да остане на функцијата за следната фаза од преговорите за брегзит, што имплицира дека откако ќе помине Договорот за истапување, таа ќе му го препушти местото на некој друг – изјави за Би-би-си конзервативниот пратеникот Џејмс Картлиџ по средбата на Меј со пратениците од нејзината партија.
Многу евроскептични пратеници на владејачката партија бараат Меј да поднесе оставка веднаш или да утврди датум за нејзино повлекување, во замена за нивна поддршка на договорот за брегзит што нејзината влада го постигна со Брисел.
Од друга страна, лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин порача дека понудата на Меј да поднесе оставка во замена за поддршка на нејзиниот план покажува дека сѐ се сведува на партиските, а не на државните интереси.
– Ветувањата што Меј им ги даде на пратениците конзервативци дека ќе се повлече од функцијата доколку гласаат за нејзиниот договор, еднаш засекогаш покажува дека нејзините хаотични преговори за брегзит се однесуваат на партискиот менаџмент, а не на принципите и на државните интереси – напиша Корбин на Твитер.