Деновиве белградска „Политика“, во рубриката за култура, објави осврт кон романот „Зад аголот“ на Томислав Османли, кој во превод на српски на Зоран Ж. Пауновиќ го објави угледната издавачка куќа „Албатрос плус“ и го претстави на изминатиот голем белградски Октомвриски саем на книгата. Во освртот, насловен „Ново во книжарниците – Романот на Томислав Османли“, стои дека станува збор за автор со голема ерудиција, кој си поигрува со книжевните постапки градејќи сложен раскажувачки свет.
– Османли истовремено може и да ги насмее и да ги растажи читателите. „Зад аголот“ развива девет линии на дејство, од кои некои се преплетуваат, додека други се разделуваат. Следи настани во Европа, Азија и во Америка во 1999 година. Во насловот се крие своевидно изненадување, а и ликовите на романот се личности на една необична галерија: грчки филозофи, современи посткомунистички интелектуалци, ориентални архитекти, аскети од моќните светски клубови, европски драматурзи, селани како жртви на војните, мигранти, сите како учесници во последниот чин на минатиот век – стои во освртот.