Куќниот број е важен дел од екстериерот, кој влијае на изгледот и карактерот на домот. Зошто да користите стандардни куќни броеви кога можете да си направите впечатлив и уникатен куќен број што ќе се разликува од другите во соседството.
Најдобар начин за да постигнете оригинален изглед на куќниот број е да го направите на невообичаен начин. Затоа ви предлагаме неколку примери и идеи што можат да ја разбудат вашата креативност, која, пак, многу лесно ќе ја приспособите и примените за обележување на куќниот број на домот.
Рустикални броеви
Ако ви се допаѓа рустикалниот стил или мислите дека добро ќе одговара во вашиот дом, искористете ги старите штици за на нив да го поставите куќниот број. Исечете ја штицата до саканата должина, поставете ги и зацврстете ги бројките со метални ленти на двата краја. Поставете ги броевите во средина на штицата и закачете ја со метален синџир на ѕидот.
Броеви на саксии со цвеќе
За да го обележите куќниот број не морате да купувате табли со броеви. На пример, закачете висечка саксија и на неа со боја напишете го куќниот број. Во зависност од тоа колку бројки има во бројот, изберете една или повеќе саксии и подредете ги вертикално.
Ефектни броеви на трева
Ефектна подлога за куќен број многу лесно можете да направите од дрвена рамка и вештачка трева. На овој начин ќе направите впечатлив контраст меѓу броевите и заднината, а дополнителна предност е што тревата е вештачка и е лесна за одржување.
Броеви од јаже и од шајки
Ваквите куќни броеви се вистинско мало ремек-дело. За нивна изработка потребни ви се: дрвена штица, шајки и тенко јаже. На дрвената штица шајките заковајте ги во форма на броевите од куќниот број, а потоа тенкото јаже преплетете го низ шајките за да го добиете посакуваниот изглед.
Броеви и иницијали
Користејќи ги вашите иницијали можете да направите интересна креација за куќниот број. Од шперплоча исечете ја почетната буква од вашето презиме. Украсете ја според сопствена желба со боја, украсни ленти, разни шари и сл. На декорираната и обоена буква залепете го куќниот број. Така, ќе го имате најуникатниот број во соседството.
Индустриски стил на куќен број
Нашиот последен предлог е наједноставен. На дрвена штица нацртајте го куќниот број во стил што вам ви се допаѓа. Потоа во целата внатрешност од исцртаниот број зашрафете шрафови во правилни низи. Ќе добиете уште едно уникатно решение.
Елегантни броеви со цвеќе
За изработка на вакво елегантно решение ќе ви требаат дрвена саксија, броеви, штичка на која ќе ги прицврстите саксијата и броевите. Распоредот, формата и комбинациите можат да бидат различни, но за да постигнете модерен и чист изглед ви предлагаме саксијата и таблата да бидат во иста боја. За полесно одржување користете вештачко цвеќе.