Органските производи се одгледани на незагадена почва и произведени се со методи што не се штетни по здравјето на луѓето, животната средина и природната рамнотежа. Начинот на производство на органска храна е законски регулиран и редовно контролиран за да се обезбеди дека производите се безбедни и не содржат штетни материи. Со тоа тие се поздрави и имаат поголема нутритивна вредност

При органскиот начин на производство и преработка на храна им се дава предност на употребата на материи и производи што се добиени на природен начин. Употребата на вештачки ѓубрива, хемиски пестициди, хормони, конзерванси, адитиви, генетски модифицирани плодови и состојки или други синтетички материи е сведена на минимум, односно во најголемиот дел е недозволена. Името органски производ, односно органска храна, е дадено поради органските материи и методи со кои земјоделците ги заменуваат овие вештачки материи.

Органските производи:
– не смеат да содржат генетски модифицирани организми;
– не се прскани со синтетички пестициди и лесно топливи минерални ѓубрива;
– не смеат да содржат дополнително додадени засладувачи, ароми, бои и емулгатори, како и помошни адитиви што се забранети;
– животните мораат да бидат хранети со храна од органско производство, без употреба на антибиотици.

Органските производи:
Содржат повеќе природни хранливи материи. Органските производи содржат повеќе природни хранливи материи, како што се природните шеќери, витамин Ц, каротиноиди, антиоксиданси и поголеми количества минерални материи како: калциум, магнезиум и железо. На пример, органското млеко содржи повеќе омега 3 масни киселини, а органските компири содржат повеќе витамин Ц. Еден од најмоќните антиоксиданси, ресвератролот, често се сретнува во органските производи, а се смета дека ги штити крвните садови.

Содржат помалку штетни нитрати. Студиите покажуваат дека органските листести зеленчуци (на пр. зелка, спанаќ, марула, магдонос) содржат 10 до 40 отсто помалку нитрати, поради неупотребата на вештачи ѓубрива во производството.
Ја минимизираат вашата изложеност на пестициди. Во конвенционалното земјоделско производство се употребуваат повеќе од 400 различни пестициди, па нивните остатоци честопати се присутни и во храната и тие можат да предизвикаат нарушување на здравјето. Најдобар начин да се одбегнат овие хемиски пестициди е со користење органски производи во чие производство нивната употреба не е дозволена.

Имаат помалку адитиви. Одредени адитиви на храната можат да бидат канцерогени или да предизвикаат други видови нарушувања, како на пример хиперактивност кај децата. Во производството на храна во Европската Унија се користат 290 адитиви, додека во производството на органска храна е дозволено да се користат само 32 строго определени адитиви. Поради оваа причина, може да се каже и дека органската храна има поприроден мирис, вкус и боја.
Немаат хормони, генетски модифицирани организми (ГМО), антибиотици и други синтетички лекови. Синтетичките лекови што се користат во неорганското производство на храна може да предизвикаат рак или развој на бактерии што се отпорни на антибиотици. Во органското производство се забранети ваквите лекови, хормони и генетски модифицирани плодови или состојки.

Органската храна е произведена на строго контролиран начин за да се заштитат здравјето на луѓето и животната средина

Јаболка
Дефинитивно се наоѓаат на листата на органска храна за која вреди да се одвојат пари бидејќи можат да имаат и до 36 различни видови пестициди. Американскиот институт за храна во едно истражување открил дури 7 вида хемикалии во едно јаболко. Ако купувате јаболка од неорганско потекло, задолжително отстранувајте ја кората.

Детска храна
Организмот кај децата не е развиен како кај возрасните, така што се значително чувствителни. Затоа е добро да вложувате во нивната исхрана и да купувате органско овошје и зеленчук што ќе им ги давате од мали нозе.

Млеко
Проблемот со млекото е во храната што им се дава на животните, односно храна третирана со хемикалии што се пренесуваат во млекото. Затоа, ако имате можност, купувајте еколошки произведено млеко.

Краставици
Во истражувањето на 42 различни зеленчуци, краставиците се на второ место меѓу намирниците што содржат најголем број канцерогени состојки, а се на 12-то место како најзагадени намирници. Исто како и кај јаболкото, важно е да ја излупите краставицата.

Грозје
Со оглед на фактот дека е овошје што брзо зрее, честопати се прска со пестициди за да не биде уништено од инсектите при време на бербата. Важно е да го купувате кога му е сезоната на зреење.

Спанаќ
И овој зеленчук се третира со различни пестициди, а од голема важност е да внимавате од каде го купувате и секој лист одделно да го миете под млаз вода.

Јагоди
Крупните јагоди што ги гледате во големите трговски центри најверојатно се увезени и третирани со хемикалии, затоа е најдобро да ги купувате од домашните производители.