Најголемо зголемување на расходите на единиците на локална самоуправа (ЕЛС), споредено со планираното, се забележува кај расходите наменети за јавните претпријатија, поради што е потребно повнимателно следење на квалитетот, обемот и на цените на услугите што тие ги обезбедуваат, како и на субвенциите што им се доделуваат
АНАЛИЗА НА ЦЕА
И покрај ефектите од ковид-19 врз финансиите на општините, кумулативно за сите 81 единица на локална самоуправа (ЕЛС) во Македонија, нема дополнителна потреба за задолжување, поради значителните заштеди од нереализираните капитални расходи од капиталните планови на општините. Ова е генералниот заклучок од анализата насловена „Општините и ковид-19 во Северна Македонија: Импликациите врз јавните финансии кај општините“, изработена од Центарот за економски анализи (ЦЕА).
Креаторите на оваа анализа посочуваат дека „сопствените приходи на општините во првите три квартали од 2020 година се намалиле за 18 проценти споредено со претходната година во истиот период и се пониски за 1,5 милијарда денари (или 24,6 милиони евра)“. Од ЦЕА објаснуваат оти иако генерално анализата покажала дека кумулативно нема дополнителна потреба за задолжување, сепак, додаваат дека овој општ заклучок не значи дека е апликативен за секоја ЕЛС одделно поради посебните потреби и карактеристики на секоја општина.
– Сопствените приходи на ЕЛС се најпогодени во првите три квартала од 2020-та. Финансиското влијание на ковид-19 не ги одминува и општинските финансии во РС Македонија, и тоа со најголемо влијание врз намалување на сопствените приходи. Очекувањата за последниот квартал од 2020 година се да продолжи трендот на пад на сопствените приходи, кои во најголема мера зависат од економската активност, а кои се собираат со најголем интензитет во последниот квартал од годината. Пресек за ова истражување е третиот квартал од 2020 година – наведуваат од ЦЕА во заклучоците од анализата.
Од ЦЕА посочуваат дека намалувањето на приходите е предизвикано од намалена наплата на приходи од даноци на имот, даноци од специфични услуги и даноци од вршење дејност. Исто така во нивната анализа се посочува дека значително пониска е реализацијата на капиталните расходи, при што утврдиле дека реализираните капитални расходи се намалиле за 19 проценти споредено со претходната година во првите три квартали.
– Општините во РСМ се силно зависни од трансферите од централно ниво, кои учествуваат со повеќе од половина во вкупните приходи на општините. Вкупните трансфери од централно ниво во вкупните приходи на општините во 2019-та учествуваат со 60 проценти, во 2018-та со 64 отсто, а во 2017-та со 62 проценти. Очекувањата на ЕЛС за расходната страна на буџетот во најголема мера се намалување на вкупните расходи од околу 10 проценти. Сепак, за 18 отсто од општините очекувањата се дека нема да има промени во висината на вкупните расходи, кај 39 отсто од ЕЛС очекувањата се дека претстои зголемување на вкупните расходи споредено со планираните, а 44 проценти од ЕЛС очекуваат намалување на вкупните расходи – посочуваат во своите заклучоци од ЦЕА.
Притоа се појаснува дека најголемо зголемување на расходите споредено со планираните се забележува кај расходите наменети за јавните претпријатија на општините, како резултат на намалените приходи и истовремено поради зголемен обем на давање услуги. Во анализата се посочува дека општините во најголема мера не спроведуваат брза анализа на финансиските импликации врз локалните финансии и покажуваат слаба поврзаност на стратегиските планови со финансиските планови и итните реакции, како и со оперативни стратегии за управување со ризици.
Претставниците на ЦЕА препорачуваат дека е потребно е да се отвори прашањето за успешноста на децентрализацијата во РСМ, и тоа преку анализа на сите столбови: доделување надлежности, приходи, расходи, трансфери и задолжување.
– ЕЛС треба да ја подобрат комуникацијата со даночните обврзници и да работат кон унапредување на даночното однесување и морал како принцип за добра даночна администрација. Одложената наплата на даноците на имот, кои се регресивни, не значи загубени даноци. Доколку се бележи пад на наплатата на данокот на имот и идната година, тоа најмногу би се должело на ефектот на намален доход на граѓаните, отколку на даночното однесување на даночните обврзници. Потребно е ЕЛС да го унапредат следењето на работата на јавните претпријатија.
Кризата од ковид-19 ги откри и недостатоци во односите меѓу јавните претпријатија и локалните власти. Субвенциите и следењето на квалитетот, обемот и цената на услугите што ги обезбедуваат јавните претпријатија е потребно да станат приоритет за ЕЛС и да ја искористат можноста за работа кон унапредување на ефикасноста на јавните претпријатија, рационализација на субвенциите и пресметка на трошокот за комуналните услуги и неговата покриеност со утврдената цена за тие услуги – се наведува во препораките од анализата.
Според нив, општините во РСМ треба поефикасно да ги планираат и имплементираат системите за управување со кризи. Од ЦЕА истакнуваат дека ЕЛС немаат функционални системи за рано предупредување и справување со кризни ситуации, како што е кризата предизвикана од ковид-19.
– Општините во незначителна мера ја користат буџетската резерва што е планирана за вонредни ситуации како што е епидемијата. И покрај буџетираните средства за тековна и постојана резерва, во првите девет месеци општините користат помалку од резервите од претходната година. Од планираните 1,6 милион евра, искористени се само 24 отсто, односно 0,38 милиони евра. Општините е потребно подобро да ги поврзат стратегиските планови со финансискиот дел од буџетите. ЕЛС во најголема мера не спроведуваат брза анализа на финансиските импликации врз локалните финансии и покажуваат неповрзаност на стратегиските со финансиските планови, како и на итните реакции со оперативни стратегии за управување со ризици – се наведува во анализата на ЦЕА.