Општината Центар почна со уривање диви тераси на кафеаните и кафулињата на улицата Аминта Трети во Дебар Маало, а кои користат јавен простор не почитувајќи ги прописите. Од диво изградените објекти нема место за движење на пешаците и велосипедистите, а кафеанџиите и понатаму си ги поставуваат масите и столовите надвор од дозволената зона. Овие кафеанџии не ја испочитувале одлуката на градот Скопје, со која е определен пешачкиот простор и кој треба да изнесува најмалку 2,5 метри проодна површина. Додека, пак, на оние тротоари каде што има дрвја, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метар. Угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а стреите да бидат прицврстени со две греди што треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси. Акцијата опфаќа уривање тераси на кафеани што се со цврста градба, односно се затворени со врати, прозорци и лимени тенди.
– Општината Центар само ги спроведува решенијата што претходно се донесени од градот. Ние неколкупати апелиравме до кафеанџиите и им побаравме соодветна документација. Тие што обезбедија комплетна документација и добија дозволи од градот, сега немаат проблем, а кај другите што нема да го почитуваат правилникот ќе постапуваме и летово – вели Саша Богдановиќ, градоначалникот на Центар.
Кафеанџиите што и натаму нема да ги почитуваат правилата ќе бидат санкционирани. Инспекторите од градот Скопје на сите барања за поставување летни тераси на сопствениците им направиле пресметка во зависност од тоа колку јавна површина зафатиле и колку треба да плаќаат такса. Познато е дека кафеанџиите со дивите тераси заработуваат од дополнителниот простор, а притоа за него не плаќаат. Сопствениците на кафулињата се жалат, барајќи од инспекторите и полицијата да не ги уриваат и да им дадат време сами да ги отстранат терасите. Сепак кафеанџиите имаа добиено решение од општината пред два месеца за отстранување на тврдата градба од тротоарите, а инспекторите побарале од нив да ги отстранат сите работи што не се утврдени според правилникот на градот Скопје.