Ние може да напишеме Tessaloniki, покрај Солун, но грчките власти, покрај официјалните имиња (ендоними) би требало да ги пишуваат топонимите и на македонски јазик, како јазик на малцинството

Преспанскиот договор, како составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозицијата до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во насока на запознавање на јавноста што всушност содржи договорот, ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално, во форма на фељтон во повеќе продолженија

ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР И ПОШИРОКО (14)

Гордана Сиљановска-Давкова

Став 4 на членот 8 се повикува на препораките на Конференцијата на ОН за стандардизација на географските имиња во однос на официјалните имиња и топоними на територијата на другата страна, повикувајќи на предност на користење на ендонимите, наместо егзонимите! Секоја држава си одлучува како ќе се однесува кон препораките за стандардизација. Тие навистина повикуваат на предност на ендонимите (официјалните имиња) во однос на егзонимите (странско име за некој топоним), но потенцираат дека има различни ситуации, меѓу кои и оние кога се работи за имиња што се историски втемелени и врзани за определена популација, па егзонимот е вредно културно наследство. Таков беше случајот со Пустец во Албанија, чие име беше сменето, па вратено. Се потенцира дека стандардизацијата не смее да води кон одбивање на различноста.

Вообичаена практика е покрај егзонимот во заграда да стои и ендонимот. Но во релацијата ендоним – егзоним, во случајот на нашиот однос кон имињата во Северна Грција мора да се гледа низ историска призма и низ очите на македонското малцинство во Грција. Имено, историски е документирано дека до 1925 година топонимите во Северна Грција биле на славомакедонски јазик, со оглед на доминантното славомакедонско население. Промената е направена со декрет.

Значи, не зборуваме за нашето именување на Атина, туку за историски имиња што биле сменети со еден потег на перото! Во случајов мора да се води сметка за членот 11, став 3 од Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, каде што им се препорачува на потписничките да водат сметка за специфичните услови, односно да ги задржат и локалните традиционални имиња на малцинскиот јазик. Значи, да се претпочитаат ендонимите не е меѓународна обврска. Според тоа, ние може да напишеме Tessaloniki, покрај Солун, но грчките власти, покрај официјалните имиња (ендоними) би требало да ги пишуваат топонимите и на македонски јазик, како јазик на малцинството.

ЗАКАНА ЗА СЛОБОДАТА НА МИСЛАТА, ТВОРЕШТВОТО, НАУКАТА, АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ

Став 5 на членот 8 предвидува, во рок од еден месец од потпишувањето на оваа спогодба, да се формира заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни настани, кој ќе го разгледува научното толкување на историските настани, засновано на автентични, научноисториски извори и археолошки наоди. Министерствата за надворешни работи на двете страни ќе ја надгледуваат работата на комитетот. Комитетот може да изврши ревизија на учебници и помошни наставни материјали, атласи, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа, за да се оневозможат/отстранат иредентистичките/ревизонистичките наводи. Овој комитет ќе ги проучи и новите изданија на учебниците. Комитетот ќе се состанува најмалку двапати годишно и ќе поднесува препораки. Ваква контрола нема ни над членките на некоја федерација или конфедерација. Каков е тој ренесансен комитет, под капата на министерствата за надворешни работи? На експертските тела (комитет, типично англосаксонски израз) не им место во државните органи, поради опасност од политизација, партизација, инструментализација.

Експертските тела препорачуваат, а не наредуваат, како ова. Нели се боревме за автономија на универзитетот и научната мисла? Имам разбирање за соработка на универзитетите или на академиите, односно за формирање различни експертски тела од различни области, кои ќе се обидат да укажат на содржини, материјали, карти и сл. со спорна или навредлива содржина, со говор на омраза, со погрешни наводи и сл. Ама оневозможување иредентизам/ревизионизам звучи комунистички, ненаучно, тенденциозно, сталинистички! Небаре „Ревизор“ од Гогољ! Не може да ја ревидираме и дотеруваме историјата под притисок или договор, ниту да ја ограничуваме слободата на научната мисла. Автономијата на универзитетот ги подразбира и автономијата на мислата, истражувањето и творештвото. Вака замислената работа крие опасност од мешање во внатрешните работи на послабата страна, од бирократски притисок.

НЕ СЕ ГРАДАТ ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ СО УСЛОВИ, ЗАКАНИ, ТУКУ СО ЗАЕМЕН РЕСПЕКТ И СОРАБОТКА

Став 6 на членот 8 вели дека страните ги прифаќаат „заемно прифатените“ решенија, кои ќе придонеле кон конечно воспоставување мирољубиви и добрососедски односи, во согласност со резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност, небаре во војна сме биле! На самиот почеток од анализата, напоменав дека оваа спогодба излегува надвор од резолуциите!

ДЕЛ 2
ПРЕДИЗВИК ЗА ДРУГИ ДОГОВОРИ
Вториот дел од договорот се однесува на соработка во различни сфери и служи како основа/алиби за потпишување на договорот, наместо од претседателот на државата, од министерот за надворешни работи.
Веќе кажав дека на овој дел не му е местото во овој договор, туку треба да биде предмет на посебен, односно посебни договори, во зависност од областа.
Членот 9, став 1 и 2 е обично набројување области и нема никаква стратегиска рамка и цел! Се споменува акциски план, а нема ниту збор за него.

КОНЕЧНО
Членот 10 предвидува подигање на постојните канцеларии за врски во главните градови на обете земји на ниво на амбасади, како и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на генерален конзулат и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Солун на ниво на генерален конзулат. Одличен чекор.

НА ДЕЛО
Следуваат одредби за: дипломатски односи, соработка во контекст на меѓународни и регионални организации, политичка и општествена соработка, економска соработка, соработка во образованието, науката, културата, истражувањето, технологијата, здравството, спортот, полицијата и цивилната заштита, одбраната, договорните односи.
Воспоставувањето соработка во различни области е од заемен интерес за обете страни и преку нив може да се надмине недовербата и изгради доверба, но win- loose концептот на овој договор е далеку од соодветна рамка за заемен респект и добрососедски односи!

ДЕЛ 3
РЕШАВАЊЕ СПОРОВИ
ПОВИКУВАЊЕ НА ПОВЕЛБАТА СРЕДЕ НЕЈЗИНОТО КРШЕЊЕ
Во став 1 на членот 19 страните се согласни за мирно решавање на споровите, во согласност со Повелбата на ОН. Цинично звучи повикот на Повелбата што беше грубо прекршена при приемот на Република Македонија во членство.

ПРОТЕКТОРАТ?
Во став 2 се уредува постапката во случај на непочитување на договорот: од заемното информирање за дејствување спротивно на одредбите, преку барање решение со преговори, до барање помош од генералниот секретар на ОН.

(продолжува)

Поради технички и просторни причини, во печатеното издание се изоставени фуснотите и референците, кои, пак, се застапени на нашата веб-страница.