Со панихида и положување цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак, на автопатот Тетово – Скопје, вчера им беше оддадена почит на десетте загинати бранители од Прилепско што беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година. Со повеќе чествувања, трагедијата беше одбележана и во нивниот роден град Прилеп.
На 8 август 2001 година, околу 10 часот, конвој на АРМ беше нападнат од заседа. Притоа беше погодено едно транспортно возило на армијата, во кое беа осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Загинаа Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26), сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.
Почит им оддадоа членови на семејствата, претставници на државниот врв, армијата, општините, политичките партии и на здруженијата на граѓаните.