Критичарот Стив Роуз го посочува „Боемска рапсодија“ како пример за тоа дека не е важно што мислат критичарите, туку колку е добро етаблиран брендот!
Филмскиот критичар, Стив Роуз од „Гардијан“ неодамна објави текст во кој зборува за тоа како филмови со лоша критика сѐ почесто стануваат бокс офис хитови. Тој се прашува зошто е тоа така и наедно одговара, „затоа што тоа што важи деновиве не е она што го мислат критичарите, туку колку е добро етаблиран брендот“!
– Критичарите повторно погрешија! Откако биографскиот филм за „Квин“, „Боемска рапсодија“ доби негативна критика минатата недела, подготвен сум за тоа обвинение, сега кога филмот прерасна во огромен хит. Филмот заработи 50 милион долари во САД минатиот викенд, а во светот веќе има заработено повеќе од 14 милион долари и покрај големиот број негативни критики. Моментално добива 49 проценти на „Метакритик“ (страница што ги собира рецензиите на критичарите) и одвај респектабилни 60 проценти на „Ротен томатос“ (што ја мери пропорцијата на позитивните критики). Но, според публиката на „Ротен томатос“, 95 проценти од луѓето што го виделе филмот изјавиле дека им се допаѓа. Ниеден критичар не помислува дека неговите зборови се пресудни за успех на одреден филм, но можеби треба да се запрашаме себеси колку сме корисни. Филмови со лоша критика сѐ почесто стануваат бокс офис хитови. Земете го како пример спинофот на „Спајдермен“, „Веном“, кој е „Несмасен, прост и фантастично здодевен“, според филмскиот критичар Питер Бредшо од „Гардијан“. На „Метакритик“, „Веном“ добива 35 проценти, а на „Ротен томатос“ 29 проценти. Но повторно, публиката на „Ротен томатос“ оценува 87 проценти и филмот заработува повеќе од 500 милион долари.
Нашите оружја остануваат бескорисни против нив и тоа ние го знаеме. Ако ме прашавте дали „Боемска рапсодија“ ќе биде хит, би одговорил „Да, дефинитивно“.
Една заедничка карактеристика за хитовите отпорни на критика е што имаат признаен бренд. Знаете што добивате – со „Боемска рапсодија“: икона (Фреди Меркјури), збир на познати песни од „Квин“ и строго биографски рок-формат. Ретко кога филм добива успех без да има втор дел или без да е дел од франшиза или, пак, римејк, сега е пресудна ѕвездената моќ на луѓето што играат во филмот. Критичарите сепак, нешто погодуваат – хитови како „Ѕвездата е родена“, „Црн пантер“ и „Одмаздници: „Војна на бесконечноста“ добија позитивни критики – но има толку малку корелација, исто како да ловиме имиња од шапка – пишува Роуз.
Според него, тука се гледа како филмската индустрија почнува да изгледа архаично.
– Доколку не ни се допаѓа некоја ТВ-програма, можеме да гледаме друга бесплатно. Можеме да слушаме музика пред да решиме дали да ја купиме. Голем број производи можеме да ги купиме, па да ги вратиме и средствата да ни бидат рефундирани. Но кога станува збор за филмови, сѐ уште плаќаме голема сума пред да искусиме нешто што на крајот би можело да не ни се допаѓа. Доколку луѓето ги слушаат критичарите, тие би оделе на уште помал број филмови и индустријата би била во ризик од пропаст целосно. И ние би останале без работа. Така што, не слушајте нѐ – заклучува филмскиот критичар Роуз.