Македонската оперска дива со светска кариера Ана Дурловски реализира турнеја со Берлинската комична опера со четири изведби во Токио, Хирошима и во Осака, каде што со својата изведба ја воодушеви јапонската публика.
Премиерното прикажување на современата продукција во Јапонија, на една од најпознатите опери на Моцарт, „Волшебната флејта“, во која токму Дурловски ја толкува главната улога како Кралица на Ноќта, е дело на светски познатиот режисер Бери Коски.
По многубројните изведби на оваа исклучителна иновативна продукција во повеќе светски центри, јапонската публика имаше можност да ужива во прекрасната изведба на нашата оперска певица од светски калибар, која предизвика овации на познатите Моцартови арии.
Последниот настап на Ана Дурловски на домашната оперска сцена беше минатата година, на отворањето на Мајските оперски вечери, во провокативната постановка на „Травијата“, која изненади со еротските сцени и разголени вокалисти и позитивните критики на стручната јавност.