Издавачката куќа „Паблишер“ ја објави книгата „Потестатизам“ од Калистрат Санџакоски. Големината на овој труд исходи од сета негова преизобилност на форми, стилистички фигури, литерарни пасажи и метафори, филозофски увиди и мистични созерцанија. Самата структура на делото е луцидна и до лудило оригинална.
Започнува со една пресуицидна фантазма, а потем се нижат поглавјата за цивилизациските периоди, и дојденото време на денешната моќ како постигната цивилизација. Тука следуваат три поглавја што вршат еден неверојатно богат обрат кон уметноста како прва феноменологија на духот и имплицитна распределба на моќта. – „Потестатизам“ не е вообичаен трактат за моќта, каков-годе сакате во стерилно-пуританска еднострана смисла: историски, социолошки, политиколошки, културолошки или, пак, дури и психоаналитички. Стилот на пишување е ултрамодерен, па дури и постмодерен во актот на сопственото метафизичко насилство што го имплицира како форма на отпор – пишува издавачот.