Една од приоритетните активности на СКМ во изминатиот период беше, но и во иднина ќе биде, унапредување на системот на образование во согласност со потребите на бизнисот, преку втемелување на дуалните принципи во средното стручно образование
Недостигот од вештини е утврден како критично ограничување за конкурентноста на Република Македонија и тоа постојано се споменува како клучно ограничување во глобалниот индекс на конкурентноста. Иако е подобрен пристапот до образованието, остануваат предизвиците во обезбедувањето интегративни „нови економски“ вештини за подобро поврзување на образовниот систем со потребите на приватниот сектор, бидејќи компаниите веќе гласно зборуваат за недостигот од кадар што им е потребен, и покрај високите стапки на невработеност.
Според Стопанската комора на Македонија, потребно е успешно справување со предизвиците на глобализацијата и изострената конкуренција на пазарот, како и обезбедување стручен кадар со соодветни знаења и вештини што ги бара пазарот на трудот.
Во согласност со извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2016 година, се наведува дека, покрај намалувањето на официјалните стапки на невработеност, младите и долгорочно невработените луѓе и понатаму се соочуваат со тешкотии при вклучувањето во пазарот на трудот.
– Обезбедување квалификувана работна сила за потребите на стопанството е еден од клучните предизвици во Македонија. Притоа, средното стручно образование има потенцијал да го подобри преминот од училиште во работниот свет и да им понуди на младите перспектива за планирање на кариерата, а со самото тоа и за пронаоѓање на сопствената улога во општеството. Заради тоа иновациите и вложувањата во средното стручно образование се клучни предуслови за подготовка на општествата за иднината – смета претседателот на СКМ, Бранко Азески.
Според Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, кај нас има недостиг од работна сила со потребните квалификации. Најголемиот недостиг имаат компаниите од преработувачката индустрија, кои имаат отворени огласи за вработување на кои не се јавуваат работници.
– Причината за недостигот од работници не е иселувањето на младите, туку иселувањето е резултат на огромниот расчекор на пазарот на трудот помеѓу потребните занимања и понудата на кадар. Имено, структурата на нашето стопанство е таква каде што најмногу се бараат едноставни мануелни работи и средни стручни занимања. Од друга страна, најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование и тоа од општествените науки и не сакаат да конкурираат на работни места каде што се бара средно образование. Излезот, за жал, го гледаат во заминување од земјата – објаснува Димитров.
Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“, член на Стопанската комора на Македонија, вели дека неопходна е сериозна економска програма изработена врз основа на попис, која ќе покаже што ни недостига.
– Ние како бизнис-заедница веќе со години бараме да се направи економска програма, да знаеме што навистина поседуваме, каков кадар имаме и кон што се стремиме. Проблемот не е лесно решлив, ова е навистина сериозна тема на која ѝ е потребен сериозен пристап – објаснува Рафајловски.
Тој истакнува дека на нашиот пазар недостигаат образовани среднисти, како електричари или работници во дрвната индустрија, а од друга страна имаме голем број млади што завршуваат општествени науки и нема каде да се вработат. Друг проблем, како што вели тој, е што веќе со години Владата е најголемиот работодавец, што е лошо за развојот на економијата.
– Факултетите што имаат просперитет за вработување високообразован кадар како ФИНКИ се празни, додека оние за општествени науки се полни, иако со истите тие е тешко да се најде работа – додава Рафајловски.
За подобрување на состојбите на овој план, комората иницира активности на надлежните државни органи, образовните институции и бизнис-заедницата, преку преземање мерки и активности во средното стручно образование, во делот на високото образование и во делот на волонтерството.
– Една од приоритетните активности на СКМ во изминатиот период, но и во иднина, ќе биде унапредување на системот на образование во согласност со потребите на бизнисот, преку втемелување на дуалните принципи во средното стручно образование. „Дуалноста“ во суштина се однесува на наизменично учење и во компанијата и во училиштето, односно на начинот на соодветна комбинација и на теоријата и на практиката – вели Азески.
Тој додава дека овие две работи се меѓусебно поврзани, а шансата за директна вклученост на компаниите во практичната настава овозможува теоријата да се потврди со практиката и обратно. Резултатот од ова е да произведеме профилирани кадри што стекнатото теоретско знаење во училиштето ќе го унапредат, проверат и спроведат и практично, преку директна практична работа во компаниите, притоа водејќи сметка за потребите на работната сила на пазарот.
– Сето тоа би значело и наш конкретен придонес во усогласувањето на наставните програми со потребите на бизнисот, што ќе има директни импликации и врз намалувањето на стапката на невработеност. Имено, факт е дека во земјите каде што функционира системот на „дуално образование“ стапката на невработеност е помала од 10 отсто – нагласува Азески.
Како што вели тој, голем број компании-членки на комората го истакнуваат проблемот со недоволни вештини како доминантен, кој го ограничува растот на фирмите.
– Фирмите укажуваат и бараат квалитетни обучени кадри, кои по завршувањето на образовниот процес побрзо и поефективно ќе се вклучат во производствените и услужните процеси со помали трошоци. Тие посочуваат дека лицата што аплицираат не се доволно обучени за соодветните занимања и дека им треба дополнителна обука за стекнување соодветни знаења и вештини, што, нормално, ги оптоварува работодавците со нови трошоци – појаснува Азески.
Од друга страна, и образовните институции укажуваат на повеќе проблеми што ги оневозможуваат да продуцираат кадри со квалитетот што му е потребен на пазарот. Нашиот систем за образование и обука не успева успешно да се приспособи на пазарот на трудот, кој брзо се менува. Овој проблем се зголемува и би можел да стане доминантен загрижувачки фактор за остварување подинамичен стопански развој.
Од Стопанска комора на Македонија заклучуваат дека повеќе од јасно е дека е невозможно да има успешни компании без успешни менаџери и работници, а успешни би биле само доколку имаат знаења и вештини што се потребни за продуктивноста на нивните компании.