Нуров супериорно стигна до триумфот за злато, а Митров со исцрпувачка борба до бронзата, со што во борење слободен стил вкупно Македонија од сите медитерански игри има 32 медали во тој спорт

Зоран Михајлов
специјално од Тарагона за „Нова Македонија“

Борачите ја продолжуваат традицијата на освојување медали на Медитеранските игри (МИ). Тие беа наши најуспешни спортисти на Игрите уште во минатото, кога настапуваа под знамето на поранешната држава со освоени 26 медали. Потоа, продолжија да ни носат радости и на првиот настап како репрезентативци на Македонија на МИ во Мерсин (Турција) пред пет години. Таму беа освоени уште четири медали, за вкупната бројка да се покачи на 30 медали, за сега, по Игрите во Тарагона, таа да се зголеми за уште два медала – златен и бронзен.
Овој пат нашиот херој беше Могамедхаџи Нуров, момчето што тивко дојде од руските простори и со голема амбиција го облече дресот на нашата држава. Тој во многу нешта нѐ потсетува на големиот ас Могамед Ибрагимов, единствениот носител на олимписки медал по осамостојувањето на нашата држава. И Нуров, исто како популарниот Моги, не зборува многу. Тој го покажува она што го знае на душекот. Тука ги демонстрира својата сила и вештина. Токму, преку такви борби, полни со убавина и динамика, тој стигна до златниот медал овде, во Тарагона.

Главната работа Нуров во категоријата до 97 кг ја заврши уште во својата група. Тука ги имаше најсилните противници, од кои особено се истакнуваше Турчинот Деде. Откако ја поминаа таа пречка и стигна во финалето, за него работата како да беше завршена. Во борбата за златото тој како тајфун пролета на душекот и за само една и пол минута го разоружи Италијанецот Јанатони и го совлада со технички туш, собирајќи до моментот на прекинот 11 поени.
Радоста во салата „Вила Сека“, каде што се одржуваа боречките натпревари, ни ја зголеми и искусниот Дејан Митров. Штипјанецот во категоријата до 74 кг, во една тешка борба, со крајни напори го совлада Мухамед Будра од Алжир со 3-1 и го освои вториот медитерански, бронзен медал. Тој беше трет и пред пет години во Мерсин. Митров своевремено беше еден од најголемите наши таленти. Во кариерата беше и трет на Европското младинско првенство, што беше потврда за неговите високи квалитети. Но потоа дојдоа проблеми со повредите. Често имаше прекини во кариерата, но кога беше најпотребно собираше сили и стигнуваше до целта. Истото тоа го стори и овде, достојно бранејќи ги боите на својата земја.
Од борачите да го споменеме и Веселовски, кој на крајот во категоријата до 85 килограми беше шести.


Нуров: Многу сум среќен што освоив златен медал за Македонија

Многу сум среќен што освоив златен медал за Македонија. Верувајте дека ова нема да биде последен, ќе има уште медали и добри пласмани. На Медитеранските игри во Тарагона најтежок меч имав со Турчинот Деде, кој поведе со 1-5, но успеав да соберам сили и да го победам. Финалето за мене не претставуваше проблем – изјави македонскиот борач Могамедхаџи Нуров (категорија до 97 кг).


Ивановски со личен рекорд на 1. 500 метри се пласира во финалето

Нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски успешно стартуваше во својата дисциплина, трката на 1.500 метри на Медитеранските игри во Тарагона, откако во втората полуфинална група беше седми, но со личен рекорд од 3:47,91 минути (државниот рекорд е на Ванчо Стојанов, 3:45,97 од 2001 година). Првите четворица од двете полуфинални трки директно одеа во завршната трка, а другите учесници беа одредувани според вредноста на резултатот. Токму поради добриот резултат, Ивановски ќе трча во финалето утре.
Во втората група, која беше многу покомпактна од првата, а тоа за Ивановски беше добро за да извлече што подобар резултат, првото место го освои Мароканецот Браим Казузи, со резултат од 3:44,75. Во текот на трката Ивановски постојано беше во челната група, која малку се развлече во последните 300 метри, во кои Ивановски успеа да го зачува темпото.
– Ова ми беше практично, ако не се сметаат настапите во сала, прва трка на 1.500 метри на отворено, па затоа и самиот сум изненаден и задоволен од резултатот – ни рече Ивановски. 


Засега 12-ти на табелата со медали

Македонија на 18-тите Медитерански игри до вчера имаше освоени два златни и три бронзени медали и беше на 12-то место на табелата со 19 земји-освојувачи на медали, пред, на пример, Словенија, Хрватска, Црна Гора… Златата ги освоија каратистот Берат Јакупи и борачот Могамедхаџи Нуров, а бронзите каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски, како и борачот Дејан Митров. Пред пласман во полуфиналето се ракометарките, а допрва претстојат настапи и на други македонски репрезентативци.