Пред највеселата ноќ во годината, во ОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево беше организиран новогодишен хепенинг, на кој по крајно прифатливи цени беа понудени изработки што беа продукт на работилницата на која учествуваа и родителите и наставниците. Собраните средства, со кои ќе располага советот на родители, ќе послужат за набавка на училишни помагала, кои ќе придонесат за подобрување на наставата во ова училиште.
– Во нашето училиште организиравме традиционален новогодишен хепенинг, на кој на посетителите им беа понудени изработки на учениците создадени на работилниците, во координација со нивните родители. Изработките беа направени од постојните ресурси, како хартија, шишиња и друго, а цената на изработките беше многу прифатлива за сите посетители на хепенингот. Средствата собрани од продажбата на овие изработки ќе бидат наменети за набавка на плазма-телевизори, кои ќе помогнат за подобрување на наставата во нашето училиште. Мора да ја истакнам и ликовниот педагог Валентина Лескароска-Грѓан, која даде голем придонес во новогодишното украсување на влезот во училиштето, како и на училишниот хол – ни рече директорката на ОУ „К.Ј. Питу“, Анета Божиноска.