И оваа година фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 стипендии за најдобрите студенти на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет. Исто така, најдобрите студенти ќе добијат награда во вредност од 1.200 евра. Живко Мукаетов, претседателот на Управниот одбор и генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопје, соопшти дека ова е единаесетта година по ред фондацијата да им доделува стипендии на најдобри студенти.
– Оваа година се доделени 40 нови стипендии, на 12 студенти на Фармацевтскиот факултет и на 28 на Медицинскиот факултет. Во согласност со објавениот конкурс, изборот на стипендистите е усвоен од управниот одбор, по предложената прелиминарна листа. Инаку годинава еднократна парична помош од 1.200 евра ќе добијат Филип Илиевски од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,78, и Марија Тодоровска од Медицинскиот факултет, со просек 9,83 – информира Мукаетов.
Ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. Д-р Никола Јанкуловски, рече дека ова се двата најдобро рангирани факултети, кои долги години соработуваат со „Алкалоид“.
– Откако е основана фондацијата во 2007 година, соработката меѓу универзитетот и „Алкалоид“ зајакна и придонесува за повисок квалитет. Добро едуцирани кадри се добар предуслов за еден добар здравствен систем – рече Јанкуловски.
Мукаетов истакна дека во изминатите 11 години имаат вложено над 1,35 милион евра во стипендирање идни лекари и фармацевти.
– За девет години дониравме над 24 илјади евра за награди за првенците на генерации на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет, а преку хуманитарните настани за осум години дониравме 115.000 евра. Од 2007 година се стипендирани вкупно 458 студенти. Од 2009 година, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот фармација, ја започнале 69 од стипендираните студенти на фондацијата, и тоа 64 студенти од Фармацевтскиот и пет студенти од Медицинскиот факултет – рече Мукаетов.
Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци. Фондацијата има за цел да стипендира, донира и финансира талентирани доктори и фармацевти, како и финансиски да поддржува проекти од овие две области.