Во наредните три-четири години се очекува Прилеп да добие нов театар. До крајот на годинава треба да биде готов главниот проект, а од 2020 година да почне изградбата на нова театарска зграда во составот на центарот за култура „Марко Цепенков“. Со тоа ансамблот на театарот и градот ќе го реализираат деценискиот копнеж за нов театар, изјави Стојан Дамчески, раководител на ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“.
Министерството за култура во програмата за инвестиции за оваа година, рече тој, предвидело средства за подготовка на проектна програма, идејно решение и главен проект за изградба на театарот во Прилеп.
– Во договор со Министерството и со локалната самоуправа со стручни мислења, утврдивме дека најсоодветно решение за да се изгради театар е во постојната зграда на домот на културата „Марко Цепенков“, во т.н. блок Д, или попознато, на просторот од киното „Мис Стон“ и „Арт-кафулето“. Тој простор е имот на Владата и за него ќе се распише конкурс за идејно решение со комплетна инфраструктура: посебен влез, седишта, посебна сцена, односно, комплетно нов театар, но ќе се вклопи со другиот објект од домот – рече Дамчески.
Олеснителна околност е што објектот не се гради од темел, како што е случајот со МНТ или со Велешкиот театар, а нема спорни ситуации околу имотноправните односи зашто објектот на центарот за култура „Марко Цепенков“ е во сопственост на државата. Инаку, сегашниот објект на театарот досега се реновирал во делови колку да биде пристоен за работа. Со новиот театар многу ќе добие и македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој на едно место ги собира сите професионални театри во земјава.
Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ од 2004 година е во состав на центарот за култура „Марко Цепенков“ и не е посебен правен субјект, иако ансамблот во иднина посакува да биде посебна правна институција.