Модната дизајнерка Маја Кикириткова Трајковски работи на креирање на новата колекција за есен/зима, во која повторно се фокусира на уникатни парчиња облека, по едно до две од секој модел. Есенската колекција е поделена во пет сегменти.
– Во првиот сегмент е застапен животинскиот дезен, во комбинација со екокожа, вториот е песочен и овде преовладуваат земјените тонови, третиот е златно-зелен, четвртиот безвременски и преовладува црната боја и петтиот и последен е сиво-син.
Приказната за целата колекција е спојување на овие пет сегменти, каде што животните во есен чекорат по песок и златно-жолти лисја, црно како неизбежен дел и евергрин засекогаш и сиво-сино како асоцијација на небото. Кога се гледа колекцијата во целина гледаме пејзаж на есенска убавина дополнета со животни. Целата колекција е дополнета со златни детали, како копчиња, патенти и токи – вели таа.
Материјалите се природни, памук и волна. Во самата колекција се застапени, јакни, мантили, капути, фустани, кошули, панталони и комбинизонки. Колекцијата е за жени што сакаат да бидат уникатни, поразлични, да излезат од секојдневната толпа на униформираност.
– Тоа се пред сѐ бизнис-жени, јаки жени, силни жени со свој сопствен став, жени што не се плашат да експериментираат… Задолжителен за оваа сезона е убав предимензиониран капут, кој ќе го дополни целокупниот изглед – вели Кикириткова Трајковски.