Меѓу скопјани се зборува дека нема некој што имал во животот велосипед а да не му се случило да му биде украден. Граѓаните разочарано коментираат дека полицијата тешко ги пронаоѓа украдените велосипеди
Пред трговски центри, пред зелени пазари, од влезови на станбени згради, подрумски простории, дење или ноќе, се крадат велосипеди. Веројатно многумина се сеќаваат на кражбата на велосипед од дворот на жител од Ѓорче Петров, кога по борба со крадецот згасна животот на младо момче, сопственик на велосипедот, затоа што крадецот го избоде со нож. Меѓу скопјани на шега се зборува дека нема некој што имал во животот велосипед а да не му се случило да му биде украден.
Деновиве на социјалните мрежи беше објавено дека само изминатиот викенд биле украдени повеќе од 50 велосипеди. Таму се напоменува дека полицијата тешко ги пронаоѓа украдените велосипеди или дека речиси на една рака можат да се избројат оние што ги пронашла полицијата.
– Сигурно повеќето од вас слушнаа дека само викендов во Скопје се украдени повеќе од 50 велосипеди. Тоа е очигледно организирана акција на бандити и не смее да помине незабележано од јавноста. Предлагам да се преброиме! Во коментар на овој пост испратете слика или пишете кој ден и каде, во текот на изминативе денови, ви е украден велосипедот. Охрабрете ги сите што ги познавате, а се наоѓаат во овој кош, да го сторат ова.
Не е важно колку бил скап или стар велосипедот, кражба си е кражба, и ние се чувствуваме загрозено. Во оваа пригода се молат сите експерти за брави за велосипеди, камери и локации да се воздржат од коментирање во продолжение на овој пост, затоа што идејата е да се приложи статистика, со што ќе се направи притисок во јавноста и на органите – се вели во објавата на Деница Бојаровска во „Јавна група украдени точаци“ на Фејсбук.
Во оваа група се зачленуваат сите што некогаш или сега им бил украден велосипед или, пак, се солидаризираат со проблемот што го имаат другите, и многумина меѓусебно ги споделуваат случките. Многумина од нив коментираат дека каде и да го остават својот велосипед, не чувствуваат дека го оставиле на безбедно, макар и да има камери во близината на местото. Токму затоа велат дека секојдневно стравуваат да не им биде украден и како велосипедисти не се чувствуваат безбедно во својот град.
– Доколку си свесен и активен граѓанин што сака да живее безбедно во својот град, сподели. Доколку си спортист, сакаш Скопје да биде велоград или пријател на природата, сподели, рашири ја веста. Првин да се преброиме, а потоа и ќе се организираме во низа активности што би требало да ја запрат оваа шема – се вели во една објава во групата.
За да ја издигнат јавната свест за проблемот со кражбите на велосипеди, овие граѓани на булеварот Партизански одреди пред зградата на „Службен весник“ имаат поставено велосипед на која стои натпис дека се украдени повеќе од 70.000 велосипеди и дека на секој велосипедист последниве десет години му е украден најмалку еден велосипед. Само секој илјадити велосипед е пронајден од полицијата.
– Скоро ми беше украден мојот речиси нов велосипед. Го купив 500 евра и секаде одев со него. Отидов со велосипед и на забавата кај мојот другар во населбата Влае. Оттаму забавата ја продолживме во кафуле во ТЦ „Буњаковец“, а велосипедот го заклучив со синџир во долниот дел на објектот. Кога се вратив по него, во два часот по полноќ, веќе го немаше. Синџирот беше пресечен, а велосипедот однесен – вели скопјанецот Мето Јанакиевски.
Имајќи ги предвид овие сознанија, побаравме одговори од полицијата, односно од Министерството за внатрешни работи. Но, и по две седмици, нема одговор за тоа колку пријави за украдени велосипеди имаат од почетокот на годинава досега, ниту, пак, колку од украдените велосипеди се пронајдени и вратени на сопствениците. Се интересиравме и за тоа дали сопствениците ги повикуваат на препознавање, всушност колку пати годишно го прават тоа, но и за тоа не добивме одговор, како што не нѐ информираа ниту за тоа колку од сторителите на ваквите кражби успеале да фатат годинава или изминатата 2018 година. Граѓаните во најголем дел велат дека, и покрај тоа што пријавуваат украден велосипед, уверени се оти полицијата не ќе може да им го врати. Сепак, полицијата мора да најде начин да ги запре кражбите на велосипеди и да ги пронајде крадците. Полицијата е должна да го заштити имотот на граѓаните.