Обединетите Арапски Емирати во криза
Правливата и песоклива авенија Алсеркал, истакнат уметнички кварт во Дубаи, остана пуста. На задниот влез во индустриската зона, чувар со маска им ја мери температурата на новите посетители што пристигнуваат. Но поради натпросечно топлото време во заливот, каде што температурата достигнува 40 Целзиусови степени, многу посетители мора да поминат одредени период во „студената чекалница“ и потоа одново да им се мери температура, пред да им се дозволи влез. Таму ги чекаат уметнички дела на улиците, со спреј испишани натписи како „Тоа не сте вие, тоа е ковид-19“ и „Дистанцата од два метра прави срцето да расте“, потсетувајќи на сето она што помина: недели строг целодневен карантин.
Знаците на живот на Алсеркал го означија новиот почеток. Галериите конечно ги отворија вратите, а посетите се можни со закажани термини. Некои се прашуваат дали ова бавно оживување на активностите ќе биде доволно да го поддржи културниот сектор, кој боледуваше и пред пандемијата.
Лидерите на Дубаи долго ја чекаа 2020 година. По две години економска рецесија и бавен раст, духот на оптимизам беше во знакот на тоа што ОАЕ се подготвуваа да бидат домаќини на „Експо 2020“, светскиот саем што требаше да привлече околу 25 милиони посетители и да го обнови сјајниот имиџ на Дубаи на светската сцена. Но овие планови пропаднаа поради коронавирусот.
Отворената економија на Дубаи, која се потпира на трговија, туризам, транспорт и продажба, најмногу е погодена не само со полициските часови и карантини туку и поради спектакуларниот колапс на цената на нафтата по војната со цените и недостигот од побарувачка.
Долгоочекуваниот „Експо“ е одложен за есента 2021 година, а ОАЕ, иако брзаат да ги почнат бизнисите, ги чека тежок крај на годината. Угостителството и туризмот, двата сектора од витално значење за нивната економија, исто така беа важни и за развојот на пазарот на уметноста. Поради затворањето на границите и недостигот од странски посетители, овие сектори се силно погодени.
– Бевме свесни дека влегуваме во рецесија – вели Чарлс Покок, директор и партнер на „Меем галерија“.
Но коронавирусот додаде оган на маслото.
– Не се надевам премногу, немам идеја што ќе се случи со галериите. Во ноември ќе постои некоја сосема поинаква уметничка сцена – вели еден галерист.
Изминатите две години некои галеристи и други стручњаци на уметноста веќе шепотеа за желбата да се преселат на некој друг пазар, или да најдат начин да го поврзат Дубаи со други локации за да привлечат повеќе меѓународни купувачи. Таа желба сега е уште поголема, иако логистички стана многу потешко.
– Никогаш не сме биле чист локален пазар на уметноста. Дубаи тежнее кон глобалниот пазар. Секогаш сме сакале да бидеме делумно во Дубаи, а делумно во Лондон, но кризата ги забрза нашите планови – вели Асмаа ал Схабиби, коосоновач галеријата на „Лаври Схабиби“.
Оваа галерија и „Трета линија“, уште една галерија на авенијата Алсеркал, планираа есенва да отворат филијали во „Кромвел плејс“, новиот уметнички комплекс во Лондон, но отворањето на овој комплекс е одложено.
– И пред пандемијата почнав да сфаќам дека повеќето наши колекционери не се тука. Изложбите во Дубаи едноставно не носеа заработувачка – вели Суни Рахбар од галеријата „Трета линија“.
Агентите велат дека сега се продаваат само уметнички дела со цени пониски од 10.000 долари, или екстремно скапи на етаблирани уметници. Но многу локални галерии ја изгубија можноста да заработат пари, поради откажувањето на годинашните саеми „Арт Базел Хонгконг“ и „Арт Дубаи“.
Заработката на галериите сега е за 30 отсто помала од онаа во нормални услови.
– Тука не постои среден пазар – вели Покок.
За да ги реши проблемите, Владата ги форсира локалците да инвестираат во културата.
– Верувам дека културниот сектор е од витално значење за нашата економија. И наша должност, на покровителите на уметноста, критичарите и љубителите на уметноста, е сега да купуваме уметност – вели Заки Нусеибех, државен министер.
Некои од долгогодишните колекционери го користат моментот.
– Не престанав да купувам уметнички дела, но фокусот на моето колекционерство се промени. Од голема важност е сега да ги поддржиме локалните уметници и галерии – вели адвокатот и колекционер Насиб Абоу-Калил.
Кога ваквиот дух би се проширил, тоа би значело голема промена за пазарот.
– Локалниот пазар на уметнички дела во ОАЕ никогаш не бил поддржан од локалните колекционери. Овој период на криза може да се доживее како шанса да привлечеме нови луѓе – вели Мохамед Сомји, основач на „Гулф фото плус“, фотографски центар во Дубаи.
Разликата меѓу локалното и меѓународното не е секогаш баш јасна во земјата. Емиратите долго ги мамеа младите претприемачи на своите песочни плажи сѐ додека парите пристигнуваа, но како што остануваат без работа, тешко доаѓаат до нови бизнис-можности, а многу странци ги пакуваат куферите и си одат дома.
– Има шпекулации дека Дубаи повторно ќе биде мал град, каков што беше во 2004 и 2005 година. Ако навистина дојде до предвидениот егзодус, тоа ќе биде повик за будење на нашата влада – вели еден галерист.
Оваа сцена најмногу зависи од меѓународните посетители. Прашање е дали локалниот пазар може да ја одржи егзистенцијата на уметничката сцена. Министерството за култура почна Национална програма за креативната помош, каде што им нуди грантови на креативните слободни уметници во износ од 4.000 до 13.600 евра.
– Креативниот и културниот сектор помагаат за диверзификација на економијата на ОАЕ. Ако постојат слободни уметници и претпријатија што се во проблеми, кажете ни – вели Ноура ал Кааби, министерка за култура.
Но некои тврдат дека Владата треба да направи повеќе за да му помогне на секторот директно.
– Видете што направија Франција и Германија за нивната култура. Зошто тоа не се случи и тука – вели еден галерист.
Во меѓувреме се појавија мноштво приватни и јавни иницијативи за помош на креативните индустрии. Меѓу нив е и програмата на авенијата Алсеркал, „Плати однапред“, во која членовите на заедницата на авенијата Алсеркал се повикани да аплицираат за субвенции. „Арт Џамеел центар“ исто така го насочи својот буџет за помош со микрогрантови за регионалните уметници и кустоси, до 3.000 долари, а веќе има многу пријави.
Соработката е клучна да се преживее. Галеристите зборуваат за заеднички простори и здружување заради организирање изложби. Препораката е – што и да купувате, купувајте локално!