Со мојот тренер Сашко Арсовски ги анализираме моите евентуални противници и во таа насока вежбаме различни тактики, за да бидам што е можно поподготвен за Париз, за најбитниот турнир во мојата кариера, вели Павлов
КАРАТИСТОТ ЕМИЛ ПАВЛОВ, КАНДИДАТ ЗА НАСТАП НА ЛОИ ВО ТОКИО
Нема одмор за најдобриот македонски каратист Емил Павлов (29), двократен европски првак (во 2014 и во 2018 година), двапати трет и носител на бронза од Европските игри во Баку (2015), откако се врати од неодамнешниот турнир во престижната Премиер-лига во Истанбул, каде што беше трет.
– По Истанбул, секако, продолжив со своите редовни тренинзи и подготовки за следните натпревари што ме очекуваат. Мојот план во наредниот период е, исто така, да бидам присутен и на повеќе тренинг-кампови во и надвор од Македонија. Веќе е најавено дека ќе бидам дел од тренинг-камповите во Хрватска и во Франција – вели Павлов.
Поставената цел, настап на Летните олимписки игри (ЛОИ), и понатаму е главен приоритет на најдобриот македонски каратист. Се преземаат сите мерки таа цел да стане и реалност.
– Со мојот тренер Сашко Арсовски ги анализираме моите евентуални противници и во таа насока вежбаме различни тактики, за да бидам што е можно поподготвен за Париз, за најбитниот турнир во мојата кариера. Не стравувам од никого на татамите, но најважно е да бидам здрав и да настапам максимално подготвен на значајните турнири што ме очекуваат годинава, а особено олимпискиот квалификациски турнир во Париз, кој ќе се одржи од 11 до 13 јуни, а од каде што само најдобрите тројца по категорија обезбедуваат настап на ЛОИ – вели Павлов, кој настапува во олимписката категорија до 67 кг.
Павлов од 19 до 23 мај годинава го очекува и 56. Европско првенство (ЕП) во Пореч, Хрватска.
– Имам некое убаво претчувство за крајниот резултат. Постои извесна позитивна трема, но едвај чекам да дојде мај и почетокот на тоа ЕП, бидејќи уште сега се чувствувам подготвен за настап – вели Павлов, кој на ЕП ќе се натпреварува во категоријата до 60 кг.
Повеќекратниот првак на Македонија верува дека и покрај актуелните проблеми со ковид-19, ЛОИ во Токио ќе се одржат според предвидениот термин од 23 јули до 8 август, а на кој ќе настапат по 10 каратисти во секоја тежинска категорија.
– Според сите информациите што ги имам од луѓе од други репрезентации, а кои се на високи функции во Светската карате-федерација, но и од луѓе во Интернационалниот олимписки комитет, сите тие се убедени дека Олимписките игри во Токио ќе се одржат летово. Тоа е добар знак за спортистите, секако – вели Павлов.
Се надевам дека до крајот на годинава ќе бидам прв на светската ранг-листа
Моментно сум осми на светската ранг-листа во категоријата до 60 кг, но на 1 април ќе има нова листа, на која ќе има промени, оти ќе бидат вметнати и резултатите од турнирот во Премиер-лигата во Истанбул. Со новите бодови, сметам дека ќе се искачам неколку места повисоко, но истовремено се надевам дека до крајот на годинава ќе бидам и прв на светската ранг-листа во мојата категорија, вели македонскиот каратист Емил Павлов.