Доказите се јасни, системот за противракетна одбрана што го користат САД и нивните сојузници не функционира
Џефри Луис
На 25 март, силите на Хутите во Јемен истрелаа седум ракети кон Ријад. Саудиска Арабија го потврди лансирањето и порача дека успешно ги пресретнала сите седум ракети. Ова е лага. Не само што остатоци од ракетите во Ријад убија најмалку едно лице, а две други беа ранети туку и нема докази дека Саудиска Арабија воопшто ги пресретнала ракетите. Случајот отвора повеќе непријатни прашања не само за Саудијците туку и за САД, кои најверојатно им го продале, а самите го користат, нефункционалниот противракетен систем. Фотографии на социјалните медиуми навистина покажуваат како саудискиот систем „патриот“ лансира ракети-пресретнувачи.
Но снимките покажуваат дека не се успешни во одбраната. Еден пресретнувач катастрофално експлодира веднаш по лансирањето, а друг полукружно сврти во воздухот и потоа скршна кон Ријад и таму експлодира на теренот. Секако, постојат шанси дека еден од другите пресретнувачи ја завршил работата, но не е сигурно. Заедно со колегите од институтот за меѓународни студии „Мидлбери“ детално анализиравме два одделни ракетни напади на Саудиска Арабија од ноември и од декември 2017 година. Во двата случаи откривме дека се мали шансите ракетите да биле соборени покрај изјавите на властите што го тврдат спротивното. Нашиот пристап беше едноставен: мапиравме каде паднале остатоците од ракетите и боевите глави и каде беа лоцирани пресретнувачите.
Во двата случаи има јасна шема. Самата ракета паѓа во Ријад, додека боевата глава се одделува и прелетува преку одбраната и речиси ја погодува целта. Една боева глава падна само на неколку стотина метри од терминалот 5 на меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад. Втората боева глава, која беше испукана неколку недели подоцна, речиси ќе уништеше салон на „Хонда“. Во двата случаи јасно е дека, покрај тврдењата на Саудијците, ниту една ракета не била соборена. Не сум сигурен дека Саудиска Арабија се обидела да ја пресретне првата ракета во ноември. Поентата е дека не постојат докази дека Саудиска Арабија пресретнала некакви ракети на Хутите за време на конфликтот во Јемен. Ова го отвора непријатното прашање дали постојат причини да се верува дека противракетниот систем „патриот“ не функционира. Всушност, системот што се користи во Саудиска Арабија, поточно напредниот ракетен систем „патриот 2“ или „ПАК 2“, не е добро дизајниран за да ги пресретнува ракетите „буркан 2“ што Хутите ги лансираа врз Ријад.
Ракетата „буркан 2“ има дострел од речиси 1.000 километри и најверојатно поседува боева глава што се одвојува од самата ракета. Но скептичен сум дека „патриот“ воопшто некогаш пресретнал балистичка ракета со долг дострел во борба и треба да разгледам убедливи некласифицирани докази за успешна противракетна одбрана „патриот“. За време на Заливската војна од 1991 година, јавноста беше наведена да верува дека „патриот“ речиси совршено функционира со пресретнувањето на 45 од 47 ракети „скад“. Американската војска потоа ја намали процената на околу 50 отсто успешност, па дури и тогаш изрази „силна“ доверба само во околу една четвртина од случаите. Еден проблематичен експерт од конгресната истражувачка служба забележа дека ако армијата точно ја користела методологијата за процени, тогаш бројката би била многу помала. (Наводно таа бројка била еден, односно соборена само една ракета „скад“.)
Според истрагата на комитетот за владини операции на Претставничкиот дом, немаше доволно докази дека имало некакви пресретнувања. Во краткиот заклучок беше наведено дека „постојат малку докази што покажуваат дека ’патриот’ погодил повеќе од неколку ракети ’скад’ што биле лансирани од Ирак во Заливската војна и дека постојат сомнежи за ваквите активности“. Никогаш не беше обелоденет извештајот во кој се бараше од Пентагон да открие повеќе информации за резултатите на „патриот“, како и независна процена на програмата. Силната лобистичка кампања на армијата и „Рајтеон“ го спречија тоа, освен прегледот. Со ваквите информации можете да замислите дека бев доста скептичен за тврдењата на Пентагон дека ракетите „патриот“ собориле ирачки балистички ракети во 2003 година, тврдења што генерално беа прифатени без критики. Кога слушнав дека Ријад бил спасен со противракетниот систем, сакав самиот да видам и, за жал, не бев изненаден од откритието.
Ако системот на Пентагон не функционира, тогаш зошто САД или саудиската влада го тврдат спротивното? До одреден степен треба да имаме разбирање. Главната функција на една влада е да ја гарантира безбедноста на граѓаните. Постои огромен притисок врз саудиската влада да покаже дека презема чекори за одбрана на граѓаните. Со тврдењата за успешни пресретнувања, кои без никакви критики се пласираат на насловните страници, саудиската влада може да се претстави дека ги исполнува своите обврски во штитењето на граѓаните. Како и во 1991 година, перцепцијата дека одбраната функционира помага во спречувањето на регионалните тензии. Исто како што лажните тврдења дека ракетната одбрана го спречи Израел да возврати на ударот против Ирак за време на Заливската војна од 1991 година, така можеби со приказната дека функционира одбраната на Ријад полесно се игнорира фактот што иранските платеници лансираат ирански ракети врз главниот град на Саудиска Арабија.
Но јас и моите колеги сме независни аналитичари, а не владини функционери. Нашата обврска е да ја кажеме вистината, а во овој случај вистината е дека овие системи не функционираат. Опасноста е дека лидерите во Саудиска Арабија и во САД ќе поверуваат во нивните лаги. Земете го ова предвид: покрај фактот што анонимни американски државни функционери потврдија дека лани во ноември немало успешно пресретнување ракети, претседателот Доналд Трамп имаше поинаков впечаток, така што наредниот ден тој пред новинарите изјави дека нивниот систем ја соборил ракетата во воздух, дека ова го покажува нивниот квалитет.
Според него, никој немал квалитет како нивниот и токму затоа се продавале во целиот свет. На оваа тема Трамп постојано се навраќа. На прашањето за заканата од нуклеарните ракети на Северна Кореја, Трамп одговори дека „располагаат со ракети што можат да соборат друга ракета во воздухот во 97 отсто од случаите, а ако се испратат две, тогаш ќе бидат соборени“. Трамп постојано остава впечаток дека верува дека ракетната одбрана ќе ги заштити САД. Ова е опасно, особено во момент кога администрацијата на Трамп веројатно ќе го поништи нуклеарниот договор со Иран и поради тоа Техеран, исто како и Северна Кореја, ќе создаде свои нуклеарни капацитети со кои може да ги нападне американските партнери во регионот и на крајот самите САД.
Исто така мораме да ја кажеме вистината, а тоа е дека системите за ракетна одбрана не се решение за предизвикот што го претставуваат зајакнатите ракетни капацитети или да бидат излез од ранливоста во нуклеарната ера. Не постои магично стапче со кое можат да се „соборат“ сите ракети насочени кон САД или кон нивните сојузници. Единственото решение е да се убедат државите да не произведуваат вакви оружја на прво место. Ако не успееме, тогаш одбраната нема да нè спаси.
Џефри Луис е директор на Програмата за нуклеарно неширење за Источна Азија на институтот за меѓународни студии „Мидлбери“ во Монтереј