Корекција за растот на македонската економија од 3,2 на 2,3 проценти направи Народната банка на Република Македонија во есенската ревизија на макроекономските проекции споредено со проекциите во април. За следната година НБРМ прогнозира раст од 3,5 проценти, а за 2020 година од 3,8.
– Се очекува постепено закрепнување на домашната економија по стагнацијата со која се соочивме во 2017 година, при оценет раст на БДП од 2,3 проценти во 2018 година и постепено натамошно забрзување на растот во натамошниот период и достигнување на одредени солидни стапки на раст во 2021 година од 4 отсто – кажа гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.
Надолната корекција е одраз на послабите остварувања во првата половина од годината кога очекувавме економски раст од 3,3 проценти, а остварувањата се 1,6 процент, при што најголемото отстапување е во сегментот на инвестициите.
– Оттаму и во натамошниот период претпоставката што ја вградуваме за ревитализирање на инвестициите и натаму е главниот пункт на ризик за периодот на проекција исто како и во априлската проекција – рече Ангеловска Бежоска.
Во поглед на структурата на растот се очекува домашната побарувачка да биде главниот двигател на растот со исклучок на годинава кога најголем ефект ќе има нето-извозот. Во просек на среден период се очекува дека извозната побарувачка и натаму ќе биде клучниот фактор на растот што е поврзано со активноста на странските извозни капацитети, очекуваниот влез на нови компании и натамошниот раст на странската ефективна побарувачка.
Со новите проекции НБРМ изврши надолна ревизија на инфлацијата за годинава на 1,6 процент наспроти проектираните два процента во април, а се очекува инфлација од околу два процента во периодот од 2019 до 2021 година.
НБРМ прогнозира натамошно стеснување на дефицитот на тековната сметка за годинава на ниво од 0,5 проценти, а на среден рок умерен дефицит од 1,6 процент од БДП. Се врши и нагорна ревизија и на депозитниот раст, кој се очекува да изнесува 10,2 процента и 7,7 проценти за годинава и следната година, а кој во априлската проекција изнесуваше 6,5 проценти.
– Најновите проекции на НБРМ за следниот период вградуваат очекувања за стабилен и предвидлив домашен политички амбиент, како и повторно засилување на јавниот инфраструктурен циклус – истакна гувернерката.