Тркалата (обрачите) од германската фирма „Лајтвејт Миленштајн Обермаер“, какви што користи тимот Инеос, тежат само 935 грама, екстремно се цврсти за толку мала тежина и се исклучително скапи, чинат 5.540 евра
На годинашната велосипедска трка Тур де Франс (извозени се шест етапи) допрва претстојат најголемите возбудувања на Пиринеите и на Алпите. Во меѓувреме, тимот Инеос (до лани Скај) на петтата етапа, на која победи Словакот Петер Саган, на велосипедите имаше тркала (обрачи) од германската фирма „Лајтвејт Миленштајн Обермаер“, кои се тешки само 935 грама, екстремно се цврсти за толку мала тежина и исклучително скапи, чинат 5.540 евра.
Британскиот тим од основањето користи тркала „шимано“ и рамови „пинарело“, но се очекува на годинашниот Тур да ги користи двата „сета“, на „Лајтвејт Миленштајн Обермаер“ (за ридските етапи) и вообичаените тркала на „Шимано“, „дура-ејс Р9100“. На минатите две етапи на велосипедите на сите осум возачи на Инеос биле забележани тркала од германскиот производител, но и на резервните велосипеди на покривот од тимскиот автомобил. Ако се знае дека германската фирма, која е специјалист за изработка на карбонски обрачи, не спонзорира професионални велосипедисти или тимови, тогаш тоа значи дека Инеос за 16-те чифта тркала, надвор од предвидениот тимски буџет, платил 90.000 евра.
Тркалата на „Лајтвејт Миленштајн Обермаер“ се полесни за повеќе од 400 грама од оние на „Шимано“, „дура-ејс Р9100“, кои се тешки 1.355 грама. Со промената на тркалата велосипедите „пинарело догма Ф12“, какви што користи Инеос, не смеат да ја поминат минималната тежинска граница од 6,8 кг.
Портпаролот на Инеос потврди дека „Шимано“ и понатаму останува партнер на тимот, но на возачите им е дозволено сами да избираат помеѓу двата модела на тркала за време на трката.
Ланскиот шампион, Велшанецот Герент Томас, годинава, на 10-от тур во кариерата, вози велосипед „пинарело догма Ф12“, подобрена верзија на моделот Ф10. Новиот модел на италијанската фирма, кој чини повеќе од 10.000 евра, првпат беше виден на Трката околу Јоркшир. Изменет е рамот, сменета е и сината боја, која е заменета со темноцрвена, а другите делови се исти како и лани.