Деновиве по седми пат во Кичево се одржа Специјалната олимпијада за деца со посебни потреби. Домаќин на учесниците од сите градови во земјава беше „Лајонс-клубот“ од Кичево.
– Добре дојдовте на седмата Специјална олимпијада за деца со посебни потреби. Денес нашата основна цел е да се дружиме и да се запознаеме. Сите што се дел од оваа олимпијада се победници, во овие натпревари нема поразени, и затоа на сите ви честитам и ви посакувам пријатен престој во нашиот град. „Лајонс-клубот“ од Кичево е член на најголемото и најактивно семејство на сервисни клубови во светот со повеќе од 45.000 клуба и 1.300 000 члена и чии почетоци датираат од 1917 година како заслуга на Мелвин Џонс, на кого сите ние што се препознаваме во мисијата на „Лајонсот“ како движење, неизмерно сме му благодарни – рече на отворањето на Специјалната олимпијада претседателот на „Лајонс-клубот“ во Кичево, Бобан Димитријоски.
Инаку, на Специјалната олимпијада учествуваа над 100 деца со посебни потреби од: Скoпје, Битола, Прилеп, Велес, Крушево, Кичево и други градови во земјава, кои се натпреваруваат во повеќе дисциплини приспособени на нивните здравствени карактеристики.
– Нашата цел е оваа олимпијада, за разлика од претходните, да биде што помасовна и да учествуваат што повеќе деца од целиот дистрикт. Резултатите се во втор план, а дружењето и запознавањето ни се приоритет – истакна Соња Бојаџиева, гувернерка на „Дистриктот-132“, кој го помогна одржувањето на овој хуманитарно-спортски настан.
Децата беа пресреќни што се дел од оваа олимпијадата и најавија дека и в година ќе бидат тука. Токму тоа го потврдија Радмила Дамјаноска, братчињата Бане и Боне Штерјоски, Владимир Милошески и многу други.
– Ова беше пријатно дружење и беа склопени многу нови познанства и пријателства – ни рекоа некои од учесниците.
На Специјалната олимпијада лицата со посебни потреби се натпреваруваа во фудбал, кошарка и други спортски дисциплини приспособени за нивните способности.