Во поново време се забележува тенденцијата за појавување на нови концепти и автомобили што работат на електрична енергија. Повеќето експерти навестуваат дека иднината на автомобилите е во електричната енергија. Од тие причини сѐ почесто на саемите за автомобили се појавуваат токму електрични автомобили. Ако има нешто што се истакнуваше на годинашниот Саем за автомобили во Токио, тоа беа електричните автомобили и автономното возење. Дури и „Мазда“, која традиционално го избегнува електричниот концепт на автомобили, во обид да ја зголеми енергетската ефикасност во својот возен парк помеѓу своите многубројни бензински и дизел-мотори, лансира електрична марка на возило „ем икс-30“.
Пред околу 10 години, Саемот за автомобили во Токио претставуваше екстраваганција на новите спортски автомобили со високи перформанси, футуристички модели што беа еколошки и мали, концепти инспирирани од јапонските оригами и аниме, цртана култура. За разлика од минатото, денес на „Токио мотор шоу“ речиси секој производител има некаква форма на електричен или електрично-хибриден концепт и во поголемиот дел автономна технологија за возење. Всушност, кратенка ЦАСЕ, што значи поврзано автономно споделување електрификација, беше темата што се појавуваше повеќепати на шоуто. Ова изложување на саемот за автомобили во Токио претставува добро навестување за тоа во која насока оди јапонската индустрија, а со неа и целата автомобилска индустрија.
Најголемиот производител на автомобили во Јапонија, „Тојота“, ја замени фразата „автомобилска компанија“ со „компанија за мобилност“. Од батерии за електрични автомобили до самовозни автомобили и лунарни ровери, „Тојота“ има инвестирано повеќе од 300 милијарди фунти во зделки и партнерства во последните години. Она што можеше да се види на штандот на „Тојота“ е доказ за новооткриениот статус на „компанија за мобилност“.
Еден автомобил остави импресивен впечаток, тоа е концептот „тојота е-рејсер“. „Тојота е-рејсер“ не претставува автономен автомобил, но е мал, со отворен покрив, електричен спортски автомобил, кој изгледа како автомобилот на херојот од стриповите на Бетмен. Во овој автомобил постои можност за користење очила за виртуелна реалност со кои може да се интензивира возењето при управувањето на автомобилот.
Друг интересен концепт претставува „панасоник спејс-Л“.
„Спејс-Л“ претставува автономно управуван електричен транспортер со футуристички дизајн. Тој се карактеризира со некои од најневеројатните технологии што се видени досега. Возилото има четири патнички места, а патникот е опкружен со огромни екрани со висока дефиниција од 4K на ѕидот и таванот, 22 звучници и единици за климатизација, од кои некои се вградени и во потпирачите за глава. Конципиран од неговите производители како транспортер без возач за 2030 година, „спејс-Л“ им овозможува на патниците да бидат целосно вклучени во т.н. „виртуелен аквариум“. Според „Форбс“, јасноста на сликите и длабочината на звукот се совршено избалансирани во кабината. Поради големиот број квалитетни звучници, во комбинација со екраните од висока резолуција, автономното патување во блиска иднина со овој автомобил, всушност, може да биде многу забавно.
„Тојота“ исто така претстави друг свој нов електричен концепт на „мираи“, автомобилот што поседува електрични ќелии, кои користат водород како гориво. Овој концепт-автомобил ги комбинира водородот и кислородот, а притоа произведува електрична енергија, која го придвижува автомобилот што работи со мотор. За разлика од горивните ќелии на возилата што користат бензин или нафта и произведуваат јаглерод диоксид и други штетни материи, „мираи“ користи водород и кислород од воздухот и притоа произведува вода. Овој концепт е еден од најеколошките концепти на автомобили. Тој е предвиден да се појави во изложбените салони кон крајот на 2020 година.
Уште еден концепт што го привлече вниманието на посетителите беше „митсубиши ми-теч“.
„Митсубиши ми-теч“ претставува делумно купе, делумно спортски автомобил. Овој необичен теренски автомобил со погон на четири тркала е напојуван од мал хибриден систем што го заменува бензинскиот мотор со компактен мотор што е составен од гасна турбина.