Засега од 16-те сигурни учесници во плејофот на ЛН само Украина од лигата Б обезбеди место на ЕП. Во моментов на места на табелите за директен пласман на ЕП се и три од четирите селекции во лигата А и уште две од лигата Б, а на трети и на четврти места со шанси за пласман се уште шест репрезентации
Фудбалската репрезентација на Исланд би можела да биде првата што ќе профитира откако Португалија, Холандија и Англија на две кола до крајот од квалификациите се на чекор до пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Според пласманот во лигата А, сигурно место во плејофот имаат Португалија, Холандија, Англија и Швајцарија, но, според пропозициите за натпреварувањето, ако некоја од нив се пласира на ЕП низ квалификациите ќе ослободи место за првата најдобра селекција од таа лига што нема да обезбеди директно место на ЕП.
Во март в година е плејофот на Лигата на нациите, во кој треба да настапат 16-те победници на групите од секоја од лигите А, Б, Ц и Д. Во вкупниот пласман за лигата А зад првопласираните четири селекции се уште три што веќе обезбедија пласман на ЕП – Белгија (петта во лигата), Италија (осма) и Полска (десетта). Според сегашниот пласман и бодовното салдо, сосема блиску до директен пласман се и Франција (шеста во лигата А, ѝ недостигаат два бода до пласман на ЕП), Хрватска (деветта, еден бод) и Германија (11-та, четири бода). Сите тие се на двете први места во групите што носат пласман на ЕП. На 12-то место во лигата А е Исланд, кој е трет во групата во која водат Турција и Франција со по четири бода повеќе и ако остане пласманот во сите групи Исланд ќе игра во плејофот на Лигата на нациите.
Швајцарија има обезбедено место во плејофот, а во групата е трета со четири бода помалку од Република Ирска и од Данска, но има и еден меч помалку (вчера играше со Р. Ирска дома). Така, ако сите четири сигурни учесници во плејофот на лигата А се пласираат на ЕП и пласманите на табелите во другите групи останат како што се сега, плејофот од лигата А ќе има сосема друг изглед, па покрај Исланд може да профитираат и повеќе селекции од лигите Б и Ц, според некои информации, на пример Велс, Словачка, Северна Ирска, итн.
Од лигата Б од сигурните учесници во плејофот Украина се пласира на ЕП (единствена од сите 16 што победија во групите во Лигата на нациите) и ќе ослободи место за друга репрезентација. И преостанатите од лигата Б, БиХ, Данска и Шведска, имаат можност да се најдат на ЕП преку квалификациите.
Во лигата Ц Шкотска го потврди играњето во плејофот откако веќе нема шанси низ квалификациите да се најде на ЕП 2020, а од таа лига сигурно место во баражот имаат Србија, Норвешка и Финска (од овие три само Финска засега е втора во својата група).
Во лигата Д Грузија и Белорусија си го обезбедија местото во плејофот, во игра за директен пласман на ЕП уште се Македонија и Косово, а прв на листата на чекање е Луксембург.
Домаќините на финалињата ќе се одредат со ждрепка на 22 ноември
МОЖНИ УЧЕСНИЦИ ВО ПЛЕЈОФОТ
Лига A: Швајцарија, Исланд, Бугарија/Израел/Романија*
Лига Б: БиХ, Велс, Словачка, С. Ирска
Лига Ц: Шкотска, Норвешка, Србија, Бугарија/Израел/Романија*
Лига Д: Грузија, Македонија, Косово, Белорусија
според ова сегашно сценарио би се влечела ждрепка за да е одреди кој од Бугарија, Израел и од Романија ќе игра во плејофот од лигата Ц, а кој во лигата А
Извор: УЕФА
ОРИГИНАЛНИ УЧЕСНИЦИ ВО ПЛЕЈОФОТ
Лига А: Португалија, Швајцарија, Холандија, Англија
Лига Б: Украина, Данска, БиХ, Шведска
Лига Ц: Шкотска, Финска, Норвешка, Србија
Лига Д: Македонија, Косово, Грузија, Белорусија
Извор: УЕФА