На патеката ќе може да се исполни норма за настап на ЛОИ в година во Токио. Потребното олимписко време за маратонците е 2:11,30 часа, а за маратонките 2:29,30 часа. Досега се пријавени повеќе од 5.500 за сите трки
Годинава, за разлика од некои претходни години, на 15-от Скопски маратон ќе изостане познатото светско маратонско лице во улога на промотор на трката.
– По Англичанката Пола Ратклиф, која сѐ уште е актуелна светска рекордерка во маратон, истрчан во Лондон во 2003 година (2:15,25 часа – н.з.), која ни беше гостинка лани, како и по Кениецот Вилсон Кипсанг во 2014-та, исто така поранешен светски рекордер, беше навистина тешко да најдеме некој рамен на нив во улога на промотор. Затоа решивме годинава такво нешто да нема. Здравје, можеби некоја од следните години, во Скопје ќе имаме можност повторно да поздравиме некој нов светски рекордер, олимписки или светки првак – вели директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски.
За годинашниот маратон, закажан за 4 мај, досега има околу 5.500 пријавени, но во следните 38 дена се очекува таа бројка двојно да се зголеми и да биде над ланските повеќе од 10.000, од над 50 земји, во сите категории – маратон, полумаратон, трка на пет километри, во штафетните и во ревијалните трки. За каков пораст се работи кога станува збор за бројот на учесници на Скопскиот маратон, покажува податокот дека на првата трка имаше 1.249 ученици, информира организаторот.
– Пред неколку дена повторно ја премеривме патеката, кој е идентична од минатите години и во наредниот период го очекуваме новиот меѓународен сертификат од Асоцијацијата на светски маратони, АИМС, и од Интернационалната атлетска асоцијација, ИААФ. Трасата останува иста, со мали измени во однос на почетокот и на целта, кои наместо на плоштадот, ќе бидат преместени пред Собранието на Македонија. Од Собранието се трча преку Камени мост, кон Ѓорче Петров, назад низ Центар, до населбата Јане Сандански, и така два круга за маратонците и еден за полумаратонците. Промената е и патеката на ревијалната трка на пет километри, чија траса од Собранието, наместо кон Владата, сега ќе води кон Јане Сандански, до „Тобако“ и назад покрај Железничката станица, до Центар – вели Синадиновски.
Хомологизираната патека значи дека на неа ќе може да се оствари норма за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио. Потребното време за маратонците е 2:11,30 часа, а за маратонките 2:29,30 часа. Рекордите на Скопскиот маратон ги држат тркачите од Кенија. Кај мажите Кируи Кипротич во 2016 година забележа време од 2:12,36 часа, а кај жените Стела Барсосио во 2017-та патеката ја истрча за 2:33,42 часа.
Наградниот фонд годинава би требало да биде нешто поголем од ланските 17.000 евра.
За тркачите во штафетата бесплатни тренинзи со македонски атлетичари
За тие што на Скопскиот атлетски маратон ќе се пријават за т.н. Штафетен маратон – ЕУ за спорт ќе бидат организирани бесплатни групни тренинзи, кои ќе ги водат познатите македонски атлетичари Сашо Даневски, Кокан Ајановски и Весна Кираџиева.
На денот на трката, која ќе се одржи в сабота, 4 мај, еден ден порано од предвидениот термин, поради претседателските избори на 5 мај, на плоштадот, како и низ скопските улици каде што ќе минуваат маратонците, планирани се повеќе музички мини-концерти и други забавни содржини.
Организаторите информираат дека сите заинтересирани што сакаат да добијат маица во стартниот пакет ќе мора да се пријават најдоцна до 31 март, до кога е краен рок и за оние што сакаат нивното име да им биде испишано на стартниот број.
КАТЕГОРИЈА ЛОИ РЕКОРД
Мажи 2:11,30 ч. 2:12,36 ч.
Жени 2:29,30 ч. 2:33,42 ч.