Иако неки режисери како Фелини или Бергман, во денешно време Ларс фон Трир и Педро Алмодовар, во своите филмови секогаш ги ангажираат истите актери, Владимир Блажевски истакна дека оваа приказна („Годината на мајмунот“) барала сосема поинакви ликови од неговиот последен филм „Панкот не е мртов“. Еден од главните женски ликови го игра Елена Трајковска, познатото лице од „Македонските народни приказни“, која го позајмува гласот за синхронизација на турските серии
Ана Опачиќ
Еден од долго очекуваните македонски филмови „Година на мајмунот“ со својата премиера го отвори годинашниот Скопски филмски фестивал и веднаш потоа се смести на репертоарот во „Синеплекс“. Режисерот и сценарист Владимир Блажевски по пауза од седум години го сними овој филм со делумно истата екипа – Димо Попов, директор на фотографија, и Дарко Попов, продуцент, со кои веќе еднаш постигна успеси во киносалите и на филмските фестивали. Иако некои режисери како Фелини или Бергман, во денешно време Ларс фон Трир и Педро Алмодовар, во своите филмови секогаш ги ангажираат истите актери, Блажевски истакна дека оваа приказна барала сосема поинакви ликови од неговиот последен филм „Панкот не е мртов“.
Игор Ангелов, Марија Кон, Береда Решит, Елена Трајковска, Фаик Мефаилоски овој пат се појавуваат во главните улоги, но придавката „најнеочекуван“ ја доби мајмунот. Низ скопските улици за време од претпродукцијата на филмот се плетеше мит за тоа кој ќе го игра мајмунот, каков мајмун ќе биде тоа, вистински или кукла, а еден од муабетите беше дека мајмунот ќе стигне од Аргентина со својот дресер. На крајот, сепак, останува на публиката да го погледне филмот и да се запраша кој всушност тука е мајмун и каква лекција ни одржа. Еден од главните женски ликови го игра Елена Трајковска, познатото лице од „Македонските народни приказни“, која го позајмува гласот за синхронизација на турските серии.
Дали сѐ уште ви се живо сеќавањето на првиот ден од снимањето?
– Првиот ден на снимање се чувствував исто како и првиот пат кога отидов на кастинг за филмот. Бев возбудена и полна со неизвесност, како ќе помине сѐ, дали ќе бидат задоволни со мене и дали јас на крајот од денот ќе можам мирно да заспијам, задоволна од сработеното. Милион прашалници имав во главата. Се сеќавам првпат кога отидов на кастинг, имаше редица од над 10 колешки, сите која од која поубави, млади, згодни, талентирани, а јас тогаш тежев 106 килограми, а само што се бев вратила од едно снимање на село па целата мирисав на сено и бев искасана од болви на вратот. Кога ги видов си реков во себе: „Елена врати си се дома ти најдобро“, меѓутоа на патот кон вратата нешто ме застана и сепак решив да одам докрај. Ете ме сега давам интервју, доказ дека чуда се случуваат доколку верувате во себеси и не се откажувате никогаш.
Како би го опишале ликот што го играте и како се подготвувавте за улогата?
– Ана Илиева е амбициозна новинарка, која буквално заборавила на себе и на својот физички изглед, посветувајќи се целосно на кариерата. Таа нема личен живот, никогаш не била со маж. Неа не ја интересира сето тоа. Сѐ што сака е добра сторија. Кога дознава за бегството на мајмунот Коко од зоолошката градина сака ексклузивно право да го емитува случајот прва, несвесна дека тогаш ќе ја доживее својата најголема животна приказна. Главната улога во оваа приказна ја има Цобе, чуварот задолжен да го врати Коко назад, кој ќе стане првиот маж во животот на Ана со кој таа ќе ги запознае тајните на женственоста и она што значи да се биде вистинска жена.
Што беше тоа што ве привлече најмногу да се јавите на кастингот за „Година на мајмунот“?
– Овој филм е нешто сосема поинакво од сѐ друго што сум го сработила досега и затоа ми беше голем предизвик и особена чест да работам со една таква екипа и режисер како Владимир Блажевски. Кога првпат го прочитав сценариото, првиот впечаток за Ана ми беше како некој ова да го пишувал за мене и за мојот живот и веднаш се соживеав со улогата, чиниш самиот режисер, кој наедно беше и сценарист, пораснал со мене во дворот во Битола кај баба ми и дедо ми каде што често ги поминував летните распусти, а омилена локација не случајно ми беше зоолошката градина, која беше снимена токму во тој град. Ништо не е случајно.
Која ви беше најинтересна или, пак, најтешка сцена во овој филм?
– Секоја сцена ја работев со многу љубов и не сакав режисерот да се покае во својот избор во ниеден момент, дури пред почетокот на снимањето го прашав дали треба да ослабам некој килограм за да изгледам поубаво и кога тој ми рече: „Не, напротив, Елена, ние токму ова и го баравме“, толку си се опуштив што во паузите од снимањето, кога му удрив на убавиот кетеринг, може ставив на мене уште пет килограми, за да бидам во рамките на задачата. Сега мака мачам со диети, но кога би го вратила времето назад, сѐ би повторила одново.
Како ги поднесувавте емотивните сцени? Имаш ли некој посебен начин на подготовка?
– Најинтересни за мене отсекогаш биле емотивно најтешките сцени. Уште додека студирав со најголемо нетрпение очекував да видам како ќе ги совладам вежбите кога требаше во рок од 5 минути на сцена да се расплачеш или да умираш од смеење толку слатко за сите да ти поверуваат. Сцената во филмот во која Ана ја губи невиноста, за мене беше најголем предизвик. Благодарение на искуството на Игор Ангелов, кој го играше ликот на Цобе, кого го знам уште од факултетските денови сѐ помина во најдобар ред.
До кое сознание за себеси дојдовте во овој филмски процес?
– Не мора да си совршен за да се чувствуваш совршено во својата кожа, тоа е она што јас го осознав снимајќи го овој филм. Постојат луѓе како Владимир Блажевски и постојат луѓе како Цобе. Трудете се да бидете опкружени со оние покрај кои ќе зрачите и ќе дојде вашиот квалитет во целост. Верувам дека секој човек е роден за големи нешта, секој за нешто го бидува. Да не го губиме времето со луѓе што нѐ обезвреднуваат. Животот е краток. Да го молиме бога да ни ги праќа вистинските луѓе на патот за нас.
Што ќе ви остане во трајно сеќавање од „Годината на мајмунот“?
– Првиот мој филм „Тајната книга“, во режија на покојниот Владо Цветановски, го снимав во далечната 2001 година каде што ги пеев сите женски вокали. За мојата матична куќа Канал 5 ги снимам македонските народни приказни, а сега ми се случи ова прекрасно искуство наречено „Година на мајмунот“. Се надевам дека и проектите што ќе следуваат ќе бидат некаков скромен дел што ќе го оставам зад себе. Дај боже еден ден да знам дека достојно и чесно сум си ја исполнила задачата како актер, но пред сѐ како човек. Она што останува во сеќавање секогаш се добрите луѓе што ги среќаваме, оние од кои учиме и оние со кои вреди спомените да се нарекуваат спомени. Сѐ друго е ветер и магла, како што велеше мојот покоен татко Драги Трајковски.