Грчките пратеници на 25 јануари со тесно мнозинство го поддржаа договорот за нормализирање на односите со нивниот северен сосед, Македонија. Ова е ретка победа на здравиот разум на Балканот, смета Џејкоби
Џеф Џејкоби
Речиси триесет години Грција водеше горчлива кавга со малата соседна држава, која ја прогласи својата независност по распадот на Југославија, во 1991 година. Грците се разгневија кога поранешната југословенска република, која отсекогаш била позната како Македонија, се нарече „Македонија“. Што се однесува до повеќето Грци, тоа име има право да му припаѓа само на античкото кралство на Филип Втори и на неговиот син, освојувачот Александар, како и на сегашниот грчки регион, која исто така се вика Македонија.
Владата во Атина, поддржана од милиони демонстранти на улиците, инсистираше Македонија да најде друго име. За да биде појасно за американската јавност, тоа е како Мексико да инсистира дека американската сојузна држава Њу Мексико нема право да го користи зборот „Мексико“ во своето име. Или да им е појасно на Европејците, тоа е како Република Ирска да полуди затоа што шесте окрузи во Северна Ирска го користат зборот на „И“ во своето име.
Несомнено е дека станува збор за лудост. Сепак, 28 години Грција се држеше до своето лудило. Повеќето држави во светот, вклучувајќи ги и САД, ја признаа Македонија под уставното име, но Грција крена таква прашина што кога Македонија беше примена во Обединетите нации (ОН), беше принудена да го промени името во бивша југословенска Република Македонија (БЈРМ). За да биде уште полошо, амбасадорот на Македонија не беше седнат меѓу државите што почнуваат на буквата „М“, туку меѓу оние на „Т“ (од англиското The FYROM).
Покрај тоа, Грција стави вето на Македонија, која е парламентарна демократија што сака поблиска интеграција со Западот, за членството во НАТО и во ЕУ. Политичарите во Атина инсистираа, против сите докази, дека Македонија (која тие инсистираа да ја нарекуваат ФИРОМ) имаше иредентистички претензии кон грчката територија. Во еден момент на средината од 1990-тите, Грција воведоа 20-месечно трговско ембарго против Македонија, а на крајот го повлече кога малата држава се согласи да го промени знамето што го содржеше сонцето на Вергина, со 16 краци, што е традиционален симбол на Македонија.
Конечно, сега заврши конфликтот. Македонија формално се согласи на почетокот од јануари да го промени името во Северна Македонија, а Грција да го поддржи нејзиниот влез во НАТО и во ЕУ. Премиерите на двете држави, Алексис Ципрас и Зоран Заев, покажаа што е можно кога лидерството е во рацете на две возрасни лица што се подготвени на компромис наместо да се популистички агитатори.
За неупатените можеби ќе биде апсурдно што Грција толку долго се држеше до таков неважен и застарен спор. Државите во целиот свет делат исти имиња без да имаат зли намери кон другата страна. Гвинеја, Екваторијална Гвинеја и Гвинеја-Бисао мирно коегзистираат во Африка, исто како и во случајот на Самоа и Американска Самоа во јужниот Пацифик.
Повторно, кој има право да одреди чиј конфликт е крајно неважен или застарен за да му се пристапи сериозно? Омразата е длабоко вкоренета на Балканот, каде што избија страшни конфликти на почетокот и на крајот од 20 век, но тие исто така се актуелни и на Блискиот Исток, во Кашмир и во Авганистан. Омразата беше присутна и во Франција за време на верската војна и во Шпанија за време на борбата за шпанскиот престол, како и во Руанда, каде што ескалира со геноцид. Луѓето имаат страшна способност да го разгорат огнот со навредите и да го претворат во уништување и трагедии. Смешно е што двете држави се на нож за тоа кој има право врз името „Македонија“. Но дали исто така е смешно Мексико и Франција да почнат да војуваат околу судбината на една ограбена пекарница? Дали е поинаква војната за увото на Џенкинс, која започна поради веста дека Шпанците му го отсекле увото на еден британски морнар? Историјата е полна со примери на политичари и демагози што ги претвориле навидум незначајните несогласувања во одмазди за кои народот бара крвопролевање.
За среќа, долгогодишните судири за името „Македонија“ никогаш не прераснаа во екстремен конфликт. Станува збор за инатење што можеше да доведе до насилство, но се постигна компромис и олеснување. Понекогаш државниците и дипломатите го прават вистинскиот чекор и целиот свет станува подобро место за живеење.