Дизајнот на хиперавтомобилот „чентодиечи“ му оддава почит на „бугати еб110“ од 1990-тите, во чест на 100-годишнината на автомобилскиот производител. Автомобилот „чентодиечи“, што на италијански значи 110, беше откриен на собирот „Куаил моторспортс“ во првите недели на август годинава. Новиот „бугати чентодиечи“ има 1.600 коњски сили што го прави најмоќниот автомобил на „Бугати“ досега. Како и другите автомобили на „Бугати“ и овој ќе биде рачно изработен, редок и безобразно скап. Само 10 единици ќе бидат направени и цената ќе се движи од 8 до 8,88 милиони американски долари. Сите 10 места за „чентодиечи“ се веќе откупени.
Телото и дизајнот на автомобилот „чентодиечи“ се преземени од „бугати ев110“ и од „бугати чирон“. Како хиперавтомобилот од 90-тите години на минатиот век, „чентодиечи“ има пет кружни влеза на воздух кон задниот дел на автомобилот за да го олади моторот. Исто така има транспарентна стаклена површина над моторот како на „чирон“, а самиот автомобил е напојуван од осумлитарски мотор W16. „Чентодиечи“ има забрзување од 0 до 100 километри на час за 2,4 секунди, до 200 километри на час за 6,1 секунда и до 300 километри на час за 13,1 секунда. Кај овој автомобил максималната брзина се отчитува по електронски пат на 380 километри.
– Со „чентодиечи“ уште еднаш покажавме дека дизајнот, квалитетот и перформансите се исто толку важни. Зголемената моќност и помалата тежина дополнително ги подобруваат перформансите, за уште подобро забрзување при големи брзини. „Чентодиечи“ им нуди на нашите клиенти подобрен однос помеѓу моќ и тежина и уште подинамично возење – вели претседателот на „Бугати“ Стефан Винкелман.
Во споредба со „чирон2“, „чентодиечи“ има 20 килограми помала тежина. Меѓу другото, се користат лесни бришачи на шофершајбната и стабилизатори изработени од карбон. Рамниот радијатор во форма на потковица од предната страна на „чентодиечи“ во комбинација со триделните дупки за воздухот обезбедуваат совршено поклопување на стилскиот дизајн кај автомобилот. Предницата на „чентодиечи“ е многу ниска. Според тоа, иконската потковица на „Бугати“ е намалена, додека логото на „Бугати Макарон“ е поставено на хаубата на автомобилот. Овој стил на дизајнирање потсетува на „ев110“. Оптимизираниот преден дел со продолжениот преден разделник и протокот на воздух низ хаубата дополнително ја подобруваат аеродинамиката на автомобилот.
– Транспортирањето на овој класичен изглед во новиот милениум без да се копира беше технички комплексен. Моравме да создадеме нов начин за комбинирање на сложените аеротермални барања на основната технологија на „чирон“ со сосема поинаков естетски изглед – рече Ахим Аншчит главниот дизајнер од „Бугати“ во изјавата за „Бизнис-инсајдер“.