Англичанецот Нан (трипати светски првак) победи на турнирот како увертира на 42. СП во решавање шаховски проблеми во Охрид, пред Германецот Зуде (една титула) и Израелецот Комај (две)
Истакнатиот англиски шаховски и проблемски велемајстор (ВМ) Џон Нан (2.636,25 рејтинг-поени во проблемски шах) го освои првото место на Отворениот турнир во решавање шаховски проблеми (46,5 поени), кој се одржа во хотелот „Метропол“ во Охрид, во рамките на 61. Светски конгрес за шаховска композиција (ВЦЦЦ).
Конгресот ќе трае до сабота, во организација на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и на ШК Гамбит Асеко СЕЕ.
Во конкуренција на 87 нaтпреварувачи (23 со највисоката титула ВМ), од 23 држави, второто место го освои Германецот Арно Зуде (2.517,03) со 45,5 поени, а трет беше Израелецот Офар Комај (2571,06) со 45,25 поени. Нан е трикратен светски првак во решавање шаховски проблеми, Комај двапати бил прв на СП, а Зуде еднаш.
Шаховските проблеми се решаваа во две рунди од по 90 минути, мат во два или три потези, потоа повеќе потези, студии, помошни матови и само матови. Главен судија на турнирот беше претседателот на Комисијата за проблемски шах при ШФМ, истакнатиот македонски проблемист и решавач Иван Денковски.
Вчера и денеска на програмата е 42. Светско поединечно првенство (СП) во решавање шаховски проблеми, а ќе има уште две атрактивни натпреварувања во решавање, популарниот отворен турнир во брзо решавање (вчера) и решавачкото шоу (четврток).
Светскиот конгрес за шаховска композиција (ВЦЦЦ) претставува најголем годишен светски собир на шаховските проблемисти под покровителство на Светската федерација за шаховска композиција (ВФЦЦ). Програмата на конгресот вклучува заседание на федерацијата, Светско првенство во решавање и разни придружни проблемски манифестации.