Македонскиот етно-состав „Љубојна“ деновиве под етикета на водечката дискографска куќа во регионот, „Кроација рекордс“, ја објави својата колекција на најголеми хитови, на која се најдоа 12 песни од сите фази на бендот.
Во овој избор на 12 песни се наоѓа внимателно одбран пресек на нивната долгогодишна кариера, а „Љубојна“ дискографски ѝ се претставува на пошироката публика во регионот, преку песните создадени во нивниот единствен стил, синтеза меѓу чил-аут, поп, фанк, соул, џез и фолк. Накратко, станува збор за едно возбудливо и несекојдневно музичко патување.
– „Љубојна“ е една од најистакнатите и најрепрезентативни групи во регионот, која на автентичен начин го носи пулсот на македонскиот музички ритам. И не само за она што се нарекува урбана музика, туку и пошироко. Групата е многу повеќе од звучно име (љубов и бој). Таа создава музика со сета своја страст, ентузијазам и жестина, кои се изразуваат како универзален мајчин јазик, што се забележува и од актуелната колекција хитови, во издание на „Кроација рекордс“. Играјќи си со енергијата на рок-бенд, во сите негови облици – традиционалното, класичното, популарното и експерименталното, „Љубојна“ својата музика ја изразува преку гласот на Вера Милошевска, како и преку композиторско-продуцентската работа на басистот Оливер Јосифовски, кои станаа препознатлив синоним за овој неверојатен состав, кој експериментирајќи и истражувајќи, постојано и одново ја освежува музиката, одржувајќи го својот звук модерен, моќен, елегантен и енергичен – велат од „Кроација рекордс“.
Оваа музичка продукција најави дека албумот наскоро ќе се најде и во музичката продавница „Југотон“ во Скопје.