Македонија можеби не изгледа како важна нова членка на НАТО, но со нејзиниот прием се затвора уште еден простор што некогаш беше во периферијата на бившиот Советски Сојуз, а тоа се случува токму во време на зголемени тензии меѓу Истокот и Западот
Малата европска држава сега позната како Република Северна Македонија можеби не изгледа како важна нова членка на НАТО, но затвора уште еден простор што некогаш беше во периферијата на поранешниот Советски Сојуз и се случува во време на зголемени тензии меѓу Истокот и Западот.
Инклузијата на Северна Македонија исто така значи дека НАТО наскоро ќе има 30 членки од кои сите ќе бидат посветени на колективната одбрана. Бројката на членството е двојно зголемена од 1991 година кога многу експерти сметаа дека Алијансата ќе се растури со распадот на Советскиот Сојуз и на Варшавскиот пакт.
На церемонија во седиштето на НАТО во Брисел, земјите-членки формално го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија, која би можела да стане полноправна членка до крајот на оваа година или во почетокот на идната.
Политичките аналитичари оценија дека новото проширување е пораз за рускиот претседател Владимир Путин, кој го гледа НАТО како експанзионистичка воена сила на прагот на неговата држава. Путин долго време тврдеше дека НАТО повеќе не е потребно затоа што, како што тој нагласи, Русија не е закана. Но со тоа што Русија отворено работи да го врати нејзиното влијание во поранешната советска сфера, кое најдобро го покажува примерот со анексијата на Крим од 2014 година и актуелната војна во источна Украина, НАТО е атрактивен клуб за малите држави како Северна Македонија.
– Една од главните надежи на Путин беше дека НАТО ќе се повлече или ќе се распарчи – изјави Стивен Џ. Фланаган, политиколог во корпорацијата РАНД во Вашингтон.
Според него, прифаќањето на Северна Македонија во НАТО „на некој начин ја поткопува руската реторика“.
Позагрижувачко за некои поддржувачи на НАТО можеби е што претседателот на САД Доналд Трамп, кој гласно се жалеше дека другите членки не трошеле доволно за одбраната. Тој ја нарече Алијансата „застарена“ па дури и се закани дека ќе се повлече од неа. Трамп очигледно е загрижен дека малите држави во НАТО со комплицирано соседство би можеле да ги вовлечат САД во војна поради одредбата за колективна одбрана во Алијансата позната како член 5, според кој нападот врз една држава е напад врз сите членки.
Во јули 2018 година, Трамп порача дека 29-та членка на НАТО, Црна Гора, е држава со 600.000 „многу агресивни“ жители, кои би можеле да предизвикаат трета светска војна. Ставовите на Трамп отворија многу прашања за тоа дали тој ќе помогне доколку некоја членка од НАТО биде нападната.
Тори Таузиг, соработничка на институтот „Брукингс“, изјави дека иако администрацијата на Трамп вложила значителни дипломатски напори во македонското членство во НАТО, сепак не е сигурна дали Трамп ќе го испочитува членот 5. Таа вели дека „кога ќе се доведе во прашање јадрото на одбраната, тогаш безбедноста на секоја членка на НАТО се доведува во прашање без разлика дали Алијансата има 10, 30 или 50 членки“.
Кеј Бејли Хачинсон, американската амбасадорка во НАТО, порача дека САД „силно го поддржуваат“ членството на Северна Македонија и нејзините 2,1 милион жители. Покрај тоа, Конгресот и Пентагон остануваат посветени на Алијансата, која поддржувачите многу години сметаат дека е заслужна за одржувањето на мирот во Европа и одбраната од Москва во изминатите седумдесет години.
Претставничкиот дом на Конгресот на САД неодамна, со 357 гласа „за“ и 22 „против“, воведе натпартиска мерка со која ѝ се забранува на администрацијата на Трамп да користи федерални фондови за да ги повлече САД од НАТО, осудувајќи го претседателот за неговите чести критики кон Алијансата и предлагајќи негово повлекување.
Напорите на Русија да предизвика несогласувања во Алијансата беа очигледни на Балканот, каде што го ширеше своето влијание во поранешна Југославија, чии бивши републики се последните две членки на НАТО. Русија беше обвинета затоа што се обидела да ја собори црногорската влада во октомври 2016 година како последен чекор да ја спречи државата да влезе во Алијансата.
Во август, Грција гневно ја обвини Русија дека се мешала пред важното гласање во грчкиот парламент за промената на името на Македонија со што се отвори патот за нејзино членство во НАТО. Грција, која историски негува блиски врски со Русија поради православната црква, протера четири руски дипломати.
Покрај овие пречки за Русија, таа продолжува да наметнува значајно влијание врз Србија каде што Путин неодамна беше во државна посета и каде што Русија има клучни интереси во инфраструктурата. Нерешениот спор меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово, која Србија и Русија одбиваат да ја признаат како независна држава, го спречува Косово да се кандидира за членство во НАТО.
Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, изјави дека членството во НАТО ќе ја стави земјата „во зона на стабилност во регион што сè уште постојат проблеми“.
Членството беше толку вредно за државата што таа се согласи, по долгогодишни преговори со Грција, која е членка на НАТО, да го промени своето име Република Македонија. Грците тврдеа дека тие веќе имаат територија што се нарекува Македонија, дека историски Александар Велики, поточно Александар Македонски, бил Грк, и дека античкото кралство Македонија се наоѓа во рамките на денешна Грција.
До промената на името, Грција имаше ставено вето на македонското членство во НАТО, што предизвикуваше гнев кај другите членки на Алијансата. Спорот за името со години ги спречуваше Македонците исто така да станат дел од ЕУ, затоа што исто како и НАТО, таа функционира со консензус. Сега кога Грција го повлече ветото можат да започнат преговорите и со ЕУ.
– Ова навистина е важен момент – изјави Стево Пендаровски, македонскиот претставник, кој е координатор за пристапните преговори со НАТО.
Иако НАТО е гордо на неговото проширување, членките на НАТО се претпазливи на гневот на Трамп и неговата навика да ги прекинува процедурите во дискусиите за неуспесите на нивните сојузници, кои беа цел на критики на последниот самит на НАТО одржан лани во јули.
Во април се навршуваат 70 години од постоењето на Алијансата, кои во нормални услови би биле одбележани со самит на сите лидери на НАТО во Вашингтон. Но годинава нема да има таков собир во Вашингтон, туку само состанок на министрите за надворешни работи.