Техно
Откако работеше на прототипови во изминатите неколку години, компанијата „Гугл“, наводно, планира да го претстави паметниот телефон на преклопување „пиксел“ во 2022 година. Според кодот скриен во апликацијата Гугл камера, телефонот се развива под кодното име „Пипит“. Засега нема конкретни детали за неговиот дизајн и карактеристики, но апликацијата открива нешто за камерите. Наводно, уредот ќе има главна камера од 12,2 мегапиксели, која „Гугл“ ја користеше за уредите помеѓу моделите „пиксел 3“ и „пиксел 5“, додека новата серија „пиксел 6“ има главна камера од 50 мегапиксели.
Дополнително, „Пипит“ ќе ја користи истата ултраширока камера од 12 мп како и актуелните модели, додека на предната страна ќе има два сензора од осум мегапиксели. Најверојатно ќе бидат лоцирани од двете страни на куќиштето за да може да се направат самослик-фотографии без разлика дали уредот е преклопен или расклопен. Малку постара камера има смисла, бидејќи онаа на „пиксел 6“ бара испакната лента на задната страна за да направи простор за нејзините сензори. Големината е проблем кај телефоните на преклопување, па сензорите на камерата мора да имаат што е можно потенок профил.
„Гугл“ неодамна објави верзија на андроид за таблети и уреди на преклопување, а првата јавна верзија на андроид 12Л се очекува следната година.