Секој балкон ќе блесне со убавина и живост доколку во овие пролетни и топли денови го разубавите и освежите со неколку различни вида саксиско цвеќе.
Една од основните работи за чување цвеќе на балкон е одредување на страната на која се наоѓа балконот, односно дали постојано е на сонце или, пак, на сенка и да се избере вистинско цвеќе што одговара за одгледување во саксија или жардиниера. Ако балконот ви е на југ, одберете цвеќиња што ја сакаат сончевата светлина, а ако вашата тераса се наоѓа на исток или запад, тогаш засадете цвеќе на кое повеќе му одговараат сенка и ладовина.
Ако вашиот балкон секогаш е на сонце, еве неколку вида цвеќиња што можат вашата тераса да ја претворат во вистинска рајска градина.
Вербената е едно од оние цвеќиња што цветаат од пролет до зима. Тоа е весел цвет, кој расте во форма на грмушка. Цветовите се како гроздови со висина од 15-20 см и може да се најде во црвена, виолетова, сина, жолта или бела боја. При допир со рака на зелените и тврди листови може да почувствувате мало пецкање. Вербената е популарна како растение за во кошници и висечки саксии, а исто така добро изгледа во градини и во жардиниери по балконите.
Бела рада е едно од подолговечните балконски цвеќиња што се одгледуваат кај нас. Расте во облик на грмушка со повеќе цвеќиња и не поголеми од 5 см. Стеблото е долго и тенко, а цветовите се бели, со жолта средина. Во нордиската митологија овој цвет ѝ е посветен на Остара, божицата на пролетта.
Пустинската роза е карактеристична по дебелото стебло и листови. Бојата на цветот ѝ е светлорозова, а во средината е уште посветла. Ова е едно од цвеќињата на кои не им е потребна дополнителна грижа или прихрана. Не е потребно да ја наѓубрувате ниту, пак, да ѝ додавате хранливи средства. Потребни ѝ се само добра местоположба и редовно наводнување.
Гераниум, или попозната меѓу љубителите на цвеќе како сардела, е најзастапеното балконско цвеќе на нашите тераси. Постојат повеќе од 400 вида сардела. Во топлите месеци сарделите треба да се наводнуваат редовно и да се чуваат на светло. Соодветни се и за источните и западните страни. За време на зимскиот период овие цвеќиња се во мирување, а цветаат напролет. Ако во зимскиот период го чувате внатре, пупките сепак нема да бидат исти како првата година на цветањето.
Петунија е едно од најомилените балконски цвеќиња. Петунијата цвета уште во раните денови на летото, а редовно треба да се отстрануваат цветовите што се сушат за да се зголеми цветањето. Ако сакате вашата петунија да биде богата со цветови,
еднаш неделно додавајте ѝ течно ѓубриво богато со железо.