Западната интервенција, практично, нема шанси да го смени воениот баланс на моќта во време кога Асад е во најсилна позиција од почетокот на конфликтот во Сирија, оценува Ројтерс

САД, Британија и Франција порачаа дека нивните ракетни напади врз Сирија го погодија „самиот центар“ на сириската програма за хемиско оружје. Сепак, овој ограничен напад најверојатно нема да доведе до промена на курсот во седумгодишната војна во оваа блискоисточна земја, оценува британската новинска агенција Ројтерс. Цел на ракетните напади беа центри за истражување хемиско оружје во Дамаск и во Хомс. Од американски воени бродови беа истрелани нешто повеќе од сто крстосувачки цели кон Сирија, а сириската војска тврди дека соборила околу 70 ракети.

Според сириски и руски извори, бомбардираните објекти претходно биле евакуирани. Американскиот претседател Доналд Трамп даде зелено светло за нападите, како одговор за наводниот напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума. Сепак, Ројтерс потсетува дека пред нешто повеќе од една година Трамп нареди ракетен напад врз Сирија поради користењето хемиско оружје. Исто како и сега, тоа со направи ноќта помеѓу петок и сабота, со сојузниците во Париз и во Лондон. По завршувањето на воздушните напади во Сирија, Трамп порача дека „мисијата е исполнета“, фраза што се поврзува со бившиот претседател Џорџ Буш од 2003 година, по првата фаза на војната во Ирак, и која го прогонуваше до крајот на вториот мандат. Нападите од викендов се најголема интервенција на западните земји против сирискиот претседател Башар ал Асад и неговиот сојузник, суперсилата Русија.

САД, Британија и Франција соопштија дека нападите не беа насочени кон соборување на Асад, ниту, пак, претставуваат интервенција во конфликтот. Хорот на поддршка за одлуката на Трамп можеше да се слушне од различни страни на американскиот политички спектар, но тој е критикуван поради немањето поширока американска стратегија за завршување на седумгодишната војна во Сирија – со или без Асад. Коментаторите ја доведуваат во прашање пораката што стои зад последниот напад, а која сигнализира дека Запад нема да дозволи неказнето користење хемиско оружје, но се многу повоздржани кога се работи за подлабока вмешаност во случаите кога т.н. буре-бомби убиваат многу повеќе Сиријци.

– За да се успее на долги патеки, потребна ни е сеопфатна стратегија за Сирија и за целиот регион. Воздушни напади без широка стратегија може да бидат неопходни, но тие самите нема да ги постигнат американските цели на Блискиот Исток – порача републиканскиот сенатор Џон Мекејн, кој пред една година се залагаше за поагресивна акција против Владата во Дамаск. Трамп сигнализира дека сака повлекување на околу 2.000 американски војници од Сирија што се вклучени во кампањата против Исламската држава, како и тоа дека неговата администрација ја суспендирала помошта за сириските бунтовници, што, пак, ја докажува неговата желба за завршување на американското ангажирање во Сирија. Сепак, тој изгледа влезе во конфликт со таа порака кога порача дека западните сојузници се подготвени да „го задржат тој одговор“, ако Асад не престане да користи хемиско оружје, наведува Ројтерс.

Британската агенција ја пренесува изјавата на неименуван американски претставник, кој тврди дека секретарот за одбрана Џејмс Матир го убедил Трамп да избегнува посилни акции, какви што на почетокот бараше американскиот претседател, бидејќи тоа би ризикувало сериозна ескалација со Русија. Но администрацијата во Вашингтон воопшто не е поблиску до составување сеопфатна стратегија за војната во Сирија. Истиот американски претставник истакнува дека Трамп сакал да направи поголема штета на воената машинерија на Асад, но на крајот се согласил на онеспособување на капацитетите за производство на хемиско оружје, делумно и поради тоа што го потсетија дека дел од неговата изборна база во САД е против подлабоко вовлекување во сирискиот хаос. И покрај тоа што наводниот напад со хемиско оружје целосно ја стави Сирија во „радарот на Трамп“, експертите не сметаат дека некој ќе го убеди да се занимава со таа земја по победата над Исламската држава.

– Сѐ уште нема одговор на „проблемот Асад“. Асад успеа, барем во скора иднина, и капитализира на тоа – оценува Фирас Максад, директор на фондацијата „Арабија“, со седиште во Вашингтон. Денис Рос, кој беше советник за Блискиот Исток во администрацијата на претседателот Барак Обама, истакнува дека ракетните напади ќе имаат мал ефект на вкупната ситуација во Сирија. Според него, пристапот на Трамп не е рамнотежа на силите во Сирија, бидејќи тој се занимава со ИД и со одвраќање на Асад да користи хемиско оружје.

– Нападите може да го убедат Владимир Путин дека треба да го запре Асад во понатамошното користење хемиско оружје, но јасно е дека ние се повлекуваме од Сирија. Нападите не ја менуваат таа реалност – додава Рос. Западните земји имаат проблем како да избегнат понатамошна ескалација, вклучувајќи и каков било неочекуван конфликт со нивниот ривал, суперсилата Русија. Западната интервенција практично нема шанси да го смени воениот баланс на моќта во време кога Асад е во најсилна позиција од почетокот на конфликтот во Сирија, заклучува Ројтерс.


Асад: Сирија е цел на агресија

Сирискиот претседател Башар ал Асад вчера се сретна со група руски пратеници, при што изјави дека ракетните напади на САД, Британија и Франција врз Дамаск и Хомс се „акт на агресија“. – Од гледна точка на претседателот, ова беше агресија, а ние го споделуваме неговиот став – изјави рускиот пратеник Сергеј Железњак за ТАСС, по средбата со Асад. Според руските пратеници, Асад бил добро расположен и продолжил да работи нормално. Друг руски пратеник што учествуваше во делегацијата изјави дека Сирија успеала да го сузбие нападот со противракетни системи произведени од Советскиот Сојуз уште во 1970-тите години. Руски претставници тврдат дека најголем дел ракети биле соборени пред да ги погодат своите цели. Пентагон вчера ги негираше овие тврдења, укажувајќи дека сите три сириски цели биле погодени, а со тоа значително бил ослабнат капацитетот на сириската армија во иднина да врши напади со хемиско оружје.