Во Црна Гора над 50.000 работници работат без еден ден слободен и тие работат за сите државни и верски празници, а оваа масовна појава не е санкционирана од трудовата инспекција, тврди Веско Пејак, координатор на здружението „Алтернатива“.
– Празникот на трудот 1 Мај треба да се прогласи за ден на жалоста. Црна Гора на хартија има осум неработни државни празници и осум верски празници. На Велигден во неделата работеа сите трговски фирми, обложувачниците и бутиците. За тоа време инспекторите на трудот беа дома, затоа што за нив овие денови беа неработни – изјави Пејак за „Дан“.
Многу од државните институции ги споиле првомајските празници со викендот, додека работниците во приватниот сектор немаа ни еден слободен ден.
– Каква е таа иронија кога некои работници кај приватниците работат до изнемоштеност, додека вработените во државниот систем користат привилегии – вели Пејак.