Имајќи го предвид изнесеното вреди во овој момент, во нашиот случај, колку за сегашноста толку, а можеби и повеќе за иднината на двата народа и држави, да се вложи повеќе умност, отколку морање, па било последново наложено од едната од нив или однадвор. Ова дотолку е можно што проблемот што постои чека на своето решавање. Колку проблемот да изгледа нерешлив, сепак, при добро креирани опции и добар направен избор од нив и за него постои решение. За ова, секако, е потребно преговарачките страни да се предадат на заеднички споделената моќ на умноста и на дадениот проблем му пријдат, како би се рекло, со „отворен гард“ и „отворено срце“. При ова многу е битно преговарачите да не го испуштат од вид фактот дека дадениот проблем, во никој случај, не смеат да го перципираат на начин како тој да ја дефинира целината на нивните меѓусебни односи, релации и врски. Ваквата перцепција, во секој случај, е погрешна. Обратно од тоа.
И помошта дојдена од надвор би требало да им биде добредојдена. Во секој случај, користа од ваквиот пристап и не може да биде друга, освен од една страна, проблемот од нерешлив станува решлив, а од друга, сите постојни односи, релации и врски помеѓу нив растоварени од него не само што остануваат зачувани, туку, без него тие бидуваат продлабочени и збогатени со нови содржини. Дури откако ова ќе се случи, како што обично и станува во животот, и двете страни, признале јавно или не, ќе се исповедаат пред својата совест за сѐ што досега не направиле, а можеле да го направат, како, за својот народ и држава, така и за народот и за државата на другиот.
Четвртиот аспект на односите
Четвртиот, и со тоа последен аспект кај партнерските односи, е аспектот поврзан со оправданоста за употребата на објективни мерила при решавањето одреден постоен проблем на партнерите во тие односи. Колку некои од наведените особености при решавање одредени конфликтни ситуации во партнерските односи и да овозможуваат да се решат овие ситуации, сепак, во одредени случаи не е толку лесно да се постигне тоа. Тоа особено е случај кога една од страните цврсто стои на своите однапред утврдени позиции. Врз таа основа малку е оставен простор да се дојде до договор. Да претпоставиме дека, сепак, една од страните користејќи ја својата преговарачка моќ, (но и заинтересираноста на другата што поскоро да се реши меѓусебниот проблем, но можеби и поради некој надворешен фактор), ќе го издејствува склучувањето на дадениот договор, во тој случај таквиот договор, далеку е од тоа да се смета за праведен, пријателски и ефикасен. Посебно, последново сфатено во смисла на генерирање можности за унапредување и продлабочување на нивните заемни односи. Таквиот договор не само што нема да ги унапреди и продлабочи односите, туку тој како таков станува и тешко извршлив. Ако навистина договарачите имаат цел праведно, трајно и ефикасно да ги надминат меѓусебните проблеми (во нашиот случај познатата „разлика“), тогаш најдобар начин за тоа е: дефинитивно позициското договарање да го заменат со договарање засновано и на одредени дополните принципи.
Принципи и преседани
Во случајот станува збор за стандарди, кои, покрај другото, во себе ги вклучуваат и праведноста и ефикасноста. За такви можат да се сметаат одредени проверени преседани, како и одредени општествено проверени практики. Договорот настанат во согласност со некој од овие преседани или практики создава услови, не само да биде прифатен, туку и да биде почитуван и извршлив. Ова од причина што преседанот или општествената практика се земаат како веќе проверено мерило, над кое никоја од страните не можела да има какво било влијание. Овде присилувањето на која било од страните (кое му штети на договорот и често го прави неизвршлив) е заменето со објективно проверени мерила, кои полесно стануваат и прифатливи и почитувани и извршливи за двете страни од односот. Покрај тоа, ваквиот договор, што е посебно значајно, станува поприфатлив и почитуван, не само за директно вклучените политички структури во неговото креирање, туку и од оние што немале директна вклученост во овој процес, како, уште, и од стручната и општата јавност на двете држави и општества.
Неколку светски примери
Во нашиот случај, во решавање на познатата „разлика“ добро би било да се види позитивното искуство од преседаните користени при решавањето слични проблеми меѓу одделни држави. Ги има повеќе (државата Мексико – федералната држава Ново Мексико, Народна Република Кина -Република Кина (Тајван), кнежевство Луксембург – провинција Луксембург, Северен Виетнам – Јужен Виетнам, Северна Кореја – Јужна Кореја, Сојузна Република Германија – Демократска Република Германија и сл.). Во овој контекст, иако не станува збор за преседани, добро е да се разгледаат и случаите на држави со две и повеќе свои имиња каков што е случајот на пример и со самата Грција или Сојузна Република Германија и многу други држави. Последново е од интерес, ако на пример, евентуално во разговорите е вклучена двојната формула на употреба на името на државата.
Како е да е, за потребите на овој текст ќе ја изложам суштината, само, на два познати преседани. Првиот од нив е преседанот настанат при аплицирањето на Велика Британија за прием во Европската задница. На тој прием се има спротивставено Република Франција поради тоа што апликантот во своето име го користел терминот „Британија“, кој Франција го користи за именување на својата провинција „Бретања“. Проблeмот е надминат така што било договорено приемот на Велика Британија во заедницата да биде извршен под името „Обединето Кралство“ („United Kingdom“). Со други зборови, за потребите на заедницата било прифатено, наместо името Велика Британија да се користи името Обединето Кралство (United Kingdom). Со тоа нивниот настанат проблем бил надминат.
Вториот е преседанот настанат во решавање на проблемот што постоел помеѓу Велика Британија и Ирска. Прво тој проблем се појавил кога Велика Британија барала Ирска да се именува како Република Ирска. За Ирска тоа не било прифатливо затоа што нејзиниот Устав од 1937 година, освен името Ирска, не познавал друго име (во случајот Република Ирска). За секој случај, таа 1949 година донела и посебен акт, насловен како: „Акт на Република Ирска“, во кој на недвосмислен начин констатирала дека терминот: „Република Ирска“ е, само описен термин и како таков не претставува официјално име на државата. Таа и, наспроти противењето од Велика Британија, во 1955 година е примена во членство во Обединетите нации под уставното име Ирска („Ireland“). Под ова име, иако првично 1971 година бил попречен нејзиниот прием во Европската заедница, но, сепак, таа во тоа успеала 1973 година.
Но, при овој случај, сега, е создаден и преседанот на кој упатувам да се види, колку, евентуално, би бил применлив во нашиот проблем што го имаме со Република Грција. Имено, станува збор за следново: Ирска и во заедницата е примена под нејзиното уставно име Ирска („Ireland“), при што по барање од Велика Британија Ирска се согласила за потребите во Европската заедница да се употребува, наместо нејзиното уставно име името „Република Ирска“. На тој начин се овозможило таа надвор од заедницата во меѓународните односи да си го користи своето име Ирска, а во билатералните односи, (според овој преседан) било овозможено Велика Британија нејзе да ѝ се обраќа со името Република Ирска. За Велика Британија ова било потребно за таа да може да направи разлика помеѓу регионот Северна Ирска, со главен град Белфаст, од соседната суверена држава Ирска, со главен град Даблин.
Право на слободен избор
Овие преседани настанати во процесот на решавање на појавените проблеми помеѓу цитираните држави, во дадените случаи, биле и единствените можни решенија преку кои и станале решливи овие проблеми. Ова од причина што според меѓународното право не постои пишана норма според која една држава или меѓународна институција може да бара од друга држава себеси да се именува со име различно од своето, а уште помалку, пак, да ѝ се определи такво име од барателот. Напротив, според општо прифатената практика, која е израсната до ниво на непишано обичајно право, именувањето на секоја држава е личен избор на граѓаните на таа држава, кои преку своите претставници во институциите (парламент и Влада) ова именување го подигнуваат на ниво на уставна одредба. Ова на некој начин, може да се рече, дека е и во духот на одредбите од Декларацијата за принципите на меѓународното право за пријателски односи и соработка помеѓу државите од 1970 година.
Оттука, и не случајно во неа ќе прочитаме дека секоја држава „…има право слободно да го избира и да го развива својот политички, општествен, економски и културен систем“. На оваа декларација и не може поинаку да се гледа, освен како на надградена регулатива над Повелбата на ОН (а посебно на нејзиниот член 4, кој забранува какви било условувања при приемот на новите членки (држави), освен предвидените во него). Во контекст на ова ќе си дозволам да упатам и на инспиративната мисла на познатиот општественик и државник на САД – Томас Џеферсон (1743-1826), која гласи: „Ни една нација нема право да ѝ пресудува на која било друга нација“.
Ако се тргне од тоа дека ваквата определба на овие држави не е само од декларативна природа, туку и определба што почива на принципи тогаш и може да се разбере и нивната поддршка што на патот на нашето меѓународно признавање ја имаме од нив. Само заради потсетување ќе го спомнам веќе цитираниот извештај од ополномоштеникот Робин О’Нил, подготвен за потребите на Единбуршкиот самит на Советот на ЕУ, под британското Претседателство, во кој, меѓу другото, беше предложено Република Македонија да биде признаена под нејзиното уставно име и, само, со означување во заграда на нејзиниот главен град Скопје. Што се однесува, пак, до САД тие за цело време, уште, и пред да нѐ признаат под уставното име „Република Македонија“, 2004 година, ни се обраќаа со тоа име. Како пример од повеќето документи за тоа ќе го наведам официјалниот документ од 7 април 1992 година на Стејт департментот, со кои САД ги признаа Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина како независни и суверени држави. Во делот од него, кој се однесува на Македонија ќе прочитаме: „Ние ќе продолжиме интензивно со Европската комисија (ЕУ) и со нејзините земји-членки брзо да ги решаваме преостанатите прашања меѓу Грција и Република Македонија, што на САД ќе им овозможи, исто така, формално да ја признаат независноста на оваа република“.
(Продолжува)