Најдобриот шпански тенисер Рафаел Надал петти пат се врати на првото место на ранг-листата на АТП, откако во 1-то коло на Мастерс-турнирот во Мајами беше елиминиран до вчера најдобриот светски рекет, Швајцарецот Роже Федерер. Ова е третпат Надал да го симне Федерер од првата позиција на АТП-листата, а по еднаш од врвот ги има симнато и најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ и Британецот Енди Мареј. Американецот Џон Мекинро е рекордер според бројот на враќања на првата позиција на АТП-листата, со вкупно 14 пати. На ваква необична листа на „повторувачи“ втор е неговиот сонародник Пит Сампрас со 11 враќања на врвот на АТП-листата, а трет е уште еден Американец, Џими Конорс со девет. На најновата АТП-листа Надал има 8.770 бода, 100 повеќе од второпласираниот Федерер. Трет е Хрватот Марин Чилиќ со 4.985, четврти е Германецот Александар Зверев со 4.925, а на петтото место е Бугаринот Григор Димитров со 4.635 поени.


НАЈМНОГУ ПАТИ ВРАТЕНИ НА ВРВОТ НА АТП

Џон Мекинро 14
Пит Сампрас 11
Џими Конорс 9
Иван Лендл 8
Андре Агаси 6
Бјорн Борг 6
Рафаел Надал 5
Стефан Едберг 5
Роже Федерер 4