Композиторот Мирослав Рус со награда на „Охрид фест“
Композиторот и продуцент Мирослав Рус е годинашен добитник на наградата за промоција на музика на Балканот, која „Охрид фест“ традиционално ја доделува секоја година. Тој е еден од најплодните автори од Хрватска чии песни одамна ги преминаа границите на неговата земја. Речиси не постои пејач со кого овој музичар не соработувал: Здравко Чолиќ, Жељко Бебек, Мишо Ковач, Нина Бадриќ, „Црвена јабука“, Калиопи, Масимо, Тони Цетински, „Нови фосили“, Тајчи, Давид Темелков… и, секако, Тоше Проески. Според Мирослав Рус, албумот „Игри без граници“ е најмоќната и најсилна симбиоза на музиката, текстот и гласот.
– Пред сѐ, би му се заблагодарил на организаторот за наградата што ми дава сила да истраам по немирниот пат на создавањето, ама и ми буди многу сеќавања на земјата од која доаѓаат луѓе што оставија длабока трага во мојот живот. Самиот Балкан по политички пат спојувал и раздвојувал, но со нашиот музички јазик живеел само во спојувањата – вели Рус за наградата за промоција на музиката на Балканот што му е доделена.
Тој е нераскинливо поврзан со нашата земја, ги познава тагата и радоста на југот. За тоа која е неговата прва асоцијација кога ќе се спомене Македонија, вели дека има толку многу работи што не може ни да се набројат.
– Понекогаш ми се чини дека сите ве познавам. Поврзан сум со многу колеги од музичкиот живот, од мојата драга Калиопи, па понатаму, со луѓето од духовниот свет, политичари, обичните луѓе… Ја познавам и вашата традиционална музика, на која ѝ нема рамна на Балканот, кујната ја обожавам, а ја вкусив и срдечноста што ве краси. Сепак, мојата прва асоцијација беше и остана мојата најголема радост во создавањето и една од најголемите таги во животот, Тоше Проески – вели Рус, кој на прашањето дали планира наскоро да ја посети Македонија кратко вели: – Па, јас никогаш и не заминав од кај вас.