Морковот важи за една од најупотребуваните и најздрави намирници. Крцкав е, вкусен и високонутритивен. Морковите се одличен извор на бета каротен, растителни влакна, витамин К, калиум и антиоксиданти. Нуди голем број здравствени придобивки, голем пријател е на диетата и го подобрува офталмолошкото здравје, а каротенските антиоксиданти се поврзуваат со намалување на ризикот за добивање рак.
Морковот главно се состои од вода и јаглехидрати. Јаглехидратите во него, пак, се состојат од глукоза и сахароза, а е одличен извор на растителни влакна. Има низок гликемиски индекс, па е погоден и за дијабетичарите. Пектинот е главна форма на растворливи влакна во морковот. Растворливите влакна исто така влијаат на намалување на шеќерот во крвта. Помагаат во создавањето здрави бактерии во цревата. Тие влакна го апсорбираат холестеролот од дигестивниот тракт па со самото тоа и го намалуваат неговото присуство во крвта. Влакната помагаат и при констипација, па на организмот му нудат раздвижени црева и нивно редовно празнење.

Вообичаено, морковот е најбогат со каротеноиди, по што е и најпознат. Тие се моќни антиоксиданти и се смета дека го подобруваат имунитетот, но и целокупното здравје на организмот. Тоа вклучува кардиоваскуларни болести, но и некои видови рак.

Главни состојки на морковот

Бета каротенот е всушност портокаловата боја на морковот. Апсорпцијата во организмот е подобра доколку морковот се консумира зготвен.
Алфа каротин е антиоксиданс што се наоѓа во витаминот А. Лутеинот, пак, е одличен за здравјето на очите, додека ликопенот, пак, е добар за превенција од кардиоваскуларни болести. Полиацетилените помагаат во заштита од леукемија и рак. Антоцијаните, пак, се моќни антиоксиданти.
За жал, според истражувањата, морковот може да предизвика реакција кај 25 проценти од луѓето алергични на полен. Затоа, доколку имате проблем со алергии на полен, внимателно со консумирањето на оваа намирница, бидејќи алергиската реакција може да започне со исип по телото, чешање, но и со оток на грлото и на јазикот што може да доведе до шок.


Нутритивна вредност
Морковот содржи големо количество вода и тоа од 86 до 95 проценти. Една порција морков содржи околу десет проценти јаглехидрати.
Еден морков со средна големина, околу 61 грам, содржи 25 калории.
Сто грама морков содржат:
l Калории 41
l Вода 88 отсто
l Протеини 0,9 грама
l Јаглехидрати 9,6 грама
l Шеќер 4,7 грама
l Влакна 2,8 грама
l Масти 0,2 грама
l Заситени масти 0,04 грама
l Монозаситени масти 0,01 грама
l Полинезаситени масти 0,12 грама
l Омега 6 масни киселини 0,12 грама


Витамини и минерали
Морковот е богат извор на неколку витамини и минерали, особено на витамин А, биотин, витамин К, калиум и витамин Б6.
l Витамин А: морковот е богат со бета каротен, кој, пак, е богат со витамин А. Овој витамин е здрав за очите, потребен е кај деца за здрав и правилен раст и развој, но е одличен и за имунитетот.
l Биотин: еден од Б-витамините, повеќе познат како витамин Х. Игра огромна улога кај правилно функционирање на метаболизмот.
lВитамин К1: овој витамин е важен за коагулација на крвта и за здравјето на коските.
l Калиум: еден од основните минерали потребни на организмот за контрола на крвниот притисок.
l Витамин Б6: група поврзани витамини што се заслужни за енергијата на телото.

[email protected]