Деновиве излезе од печат монографијата „30 години поетска ноќ во Велестово“. Монографијата, која ја подготви основачот на манифестацијата Славе Ѓорѓо Димоски, покрај текстуалниот материјал, богато е илустрирана со фотографии што хронолошки го претставуваат развојот на манифестацијата во изминатите три децении.
Манифестацијата претставува антологија на македонската поезија и сликарство. Во изминатите 30 години на поетската ноќ во Велестово беа претставени најзначајните македонски поети и сликари. Во монографијата е опфатен антологиски избор со по една песна од досегашните претставени автори, а изборот и пригодниот текст ги направи Санде Стојчевски. Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер, претставен е избор на досегашните поети-странци.