Иако стратегијата го поставува мастришкиот критериум на јавен долг од 60 отсто од БДП како горен лимит на задолжувањето, сепак таквата претпоставка е лабава и не се базира на детална анализа на тоа како структурните карактеристики на македонската економија може да ја симнат одржливата граница
Продолжувањето на инвестициите почнати во претходниот период за патна и железничка инфраструктура, енергетиката, изградбата на националниот гасоводен систем, потоа финансирање на буџетскиот дефицит и отплаќање на старите долгови ќе го зголеми јавниот долг на 54,8 отсто од БДП, при што покажува дека проектираната стапка е историски највисока досега. Во фискалната стратегија што Владата на Република Македонија ја усвои стои дека јавниот долг во 2020 година ќе изнесува 54,8 отсто од БДП, што е за над 7 процентни поени повеќе од минатата година, кога Македонија имаше долг од 4,7 милијарди евра, односно 47,6 отсто од БДП. Годинава јавниот долг е проектиран да биде 50,6 отсто од БДП. А, пак, во 2019 година Владата предвидува раст на долгот до 54,2 отсто, додека до 2020 година да стигне до дури 54,8 отсто од БДП. Во 2021 година долгот ќе почне да се намалува. Бруто-домашниот производ во следните три години се очекува да се зголеми на 5, а буџетскиот дефицит да стигне до 2 отсто. Од Министерството за финансии велат дека и покрај зголемувањето, нивото на јавниот долг ќе се задржи во одржливи рамки без да се наруши фискалната одржливост и долгот нема да премине 60 отсто од БДП.
– Врз основа на среднорочната буџетска рамка од која произлегува потребата за финансирање на буџетските дефицити на среден рок, потребите за отплати на претходни долгови, како и имплементацијата на проектите што се надвор од централната власт, движењето на јавниот долг на среден рок ќе има умерен пораст, но сепак ќе се движи во адекватни рамки, односно нема да ја загрози одржливоста на долгот – стои во фискалната стратегијата 2019-2020.
Според проекцијата само во 2019 година, Владата планира да се задолжи со 600 милиони евра на домашниот и на странскиот пазар.
– Во 2018 и 2019 година се очекува интензивирање на инвестициите во областа на патната инфраструктура, кои се имплементираат со заеми гарантирани од државата. Заради тоа се очекува зголемување на состојбата на гарантираниот долг, и се утврдува лимит за максимално нето-задолжување по основа на гарантиран долг во 2019 година до 250 милиони евра – велат од Министерството за финансии.
Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, во однос на претходните фискални стратегии, годинашниот документ е со значајно зацврстена структура, со подлабинска елаборација на различните аспекти на буџетот и јавниот долг.
– Како таква, фискалната стратегија имплементира дел од препораките што ние како институт ги изнесовме во ноември 2017 година, и тоа воведува анализа на клучните аспекти во проектирањето на буџетот во временскиот хоризонт на стратегијата. Ја воведува ефикасноста во обезбедувањето на јавните услуги како цел на управувањето со јавните финансии, директно се осврнува врз градењето кредибилитет во управувањето со јавните финансии, преку усвојувањето на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018-2021 година, јасно ја нагласува етапноста на фискалната консолидација – истакнуваат од „Фајненс тинк“
Оттаму велат дека оваа стратегија инкорпорира крупна реформа во системот, како што е воведувањето прогресивно оданочување од почетокот на 2019 година, го осознава елаборира проблемот на генерирање доспеани, а неисплатени обврски од страна на државните органи, јавните установи, јавните претпријатија и општините, за што е донесен Закон за пријавување и евиденција на обврските, и нивно редовно објавување од страна на Министерството за финансии, што ќе оневозможи кумулирање вакви обврски во иднина.
– Сепак, просторот за понатамошно подобрување на фискалната стратегија и понатаму постои. Поставувањето на макроекономските проекции изгледа арбитрарно и недоволно базирано на економска логика. Иако постигнувањето среднорочен економски раст од 5 отсто е легитимна цел, забрзувањето на растот на 4 отсто во 2020 и 5 отсто во 2021 се чини со нагласени ризици. Надворешните ризици вклучуваат недоволно брз раст на странската побарувачка и неизвесност околу европските интеграции. Домашните ризици вклучуваат кревкост на политичкиот процес, недоволна реализација на капиталните инвестиции, недоволен поттик за инвестирање од приватниот сектор – сметаат од институтот.
Тие додаваат дека која било проекција понудена од страна на Министерството за финансии треба да се базира на соодветно макроекономско моделирање, за да биде убедлива, со јасно артикулирање на сите претпоставки направени во врска со таквата проекција.
– Ова е особено важно за развој на македонската економија, кој во моментот на објавување на овој документ е растргнат помеѓу целта за зголемување на новата вредност во економијата преку извоз и инвестиции, и целта за позасилена распределба на постојната вредност од побогатите кон посиромашните слоеви – објаснуваат од „Фајненс тинк“
Како што нагласуваат од институтот, дури и при реализација на проектираните стапки на раст на економијата, зголемувањето на јавниот долг од моменталното ниво од близу 5 милијарди евра на ниво од 7 милијарди евра за 4 години значајно ја компромитира неговата одржливост.
– Иако стратегијата го поставува мастришкиот критериум на јавен долг од 60 отсто од БДП како горен лимит на задолжувањето, сепак таквата претпоставка е арбитрарна и лабава, и не се базира на детална анализа на тоа како структурните карактеристики на македонската економија може да ја симнат одржливата граница – сметаат надлежните од институтот.
Според нив, како алтернатива, во ситуација на значителен проектиран раст на јавниот долг и проектиран раст на БДП за кои се можни нагорни ризици, стратегијата мора да изврши детална елаборација на тоа како ќе се трошат позајмените средства (особено оние над износите, кои доспеваат за враќање) и да изврши процена на ефектите од инвестираните средства врз економијата.
– Во таа насока, главен недостаток на стратегијата останува неможноста да им даде приоритет на капиталните инвестиции и да даде квантификација на ефектите од нивната реализација. Македонија со години наназад е доведена во ситуација да инвестира јавни пари во многу проекти, но за најголем дел од нив ефектите остануваат непознати. Оваа практика треба еднаш засекогаш да се напушти и Министерството за финансии да почне процес на среднорочно планирање на капиталните трошења – нагласуваат од институтот.
Од „Фајненс тинк“ велат дека сензитивната анализа на стратегијата покажува дека дури и мали отстапувања од проекциите може да имаат значајни негативни ефекти врз јавните финансии.
– На пример, земањето пониски стапки на проектиран раст на БДП за 0,9 процентни поени (прво сценарио) ја оневозможува предвидената фискална консолидација, односно оневозможува буџетскиот дефицит да падне под 3 отсто. Со оглед дека ова сценарио е всушност многу пореалистично од основното сценарио, произлегува дека предвидената фискалната консолидација е значајно загрозена. Понизок економски раст од предвидениот во основното сценарио, ќе повлече и пад на буџетските приходи, па и помалку средства алоцирани за капитални проекти, згора на ефектот од натценувањето на даночните приходи и капиталните расходи – сметаат оттаму.
При настапување на негативните сценарија во комбинација, негативниот ефект врз буџетскиот дефицит, велат од „Фајненс тинк“, и јавниот долг би бил мултиплициран.
– Имено, во таква ситуација, која е со голема веројатност да се случи, буџетскиот дефицит би надминал 3,5 отсто од БДП, додека јавниот долг ќе ја пробие и границата од 60 отсто од БДП во 2021 година – додаваат од институтот.