Германците даваат само 30 отсто шанси да опстане шенгенот, а ако пропадне шенгенот, тоа ќе значи и почеток на крајот на ЕУ, предупредуваат тие

Евроскептици, но и еврофили одново предупредија за можен крај на ЕУ поради неможноста на членките да се договорат за клучните прашања, овој пат околу имиграцијата, во пресрет на самитот на ЕУ, кој вчера почна во Брисел.
Мигрантската криза ги обнови поделбите во Унијата, меѓу северот и југот, западот и истокот, старите и новите, богатите и сиромашните. Италија и Грција ги обвинуваат другите членки дека не го делат товарот со мигрантите, а старите членки се закануваат со санкции против земјите што не сакаат да прифатат мигрантски квоти, главно од Источна Европа, наведува Би-би-си.
На самитот вниманието ќе биде свртено кон некогаш политички недопирливата германска канцеларка Ангела Меркел, која поради својата политика на отворени врати кон мигрантите може до крајот на викендот да ја загуби коалициската влада.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зихофер од помалиот коалициски партнер во владата на Меркел ѝ даде на канцеларката рок до недела да најде решение за мигрантите, а, во спротивно, се закани дека ќе ги затвори границите на Германија. Таквото сценарио се очекува да предизвика домино-ефект во Европа, што ќе значи закана за шенгенот, но и за целата ЕУ. Неименувани функционери од германската влада за Би-би-си велат дека даваат само 30 отсто шанси да преживее шенгенот поради поделбите во ЕУ.
– Ако пропадне шенгенот, тоа ќе биде почетокот на крајот на ЕУ – велат тие.
Самата Меркел пред самитот призна дека на него нема да биде можно да се постигне заеднички договор за мигрантите, но дека треба да се разгледа опцијата за „коалиција на подготвени“ земји за реформирање на мигрантската политика, што значи создавање нови мини-унии во рамките на ЕУ.


Најлошо сценарио во трансатлантските односи

Лидерите на ЕУ мора да бидат подготвени за најлошо сценарио во трансатлантските односи, предупреди претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пред самитот на ЕУ, обвинувајќи го претседателот Доналд Трамп дека не успеал да го одржи единството со Европа.
– Наспроти нашите неуморни напори да го задржиме единството на Западот, трансатлантските односи се под силен притисок поради политиките на Трамп. За жал, поделбите одат многу подалеку од трговијата – нагласи Туск во писмото со покана до лидерите на 28-те членки на ЕУ за учество на самитот во Брисел.
Туск нагласи дека ЕУ треба да се надева на најдоброто, но дека истовремено мора да се подготви за најлошото сценарио во трансатлантските односи.