Во сајбер-просторот, една иста компјутерска програма може да се употреби за добронамерни и за злонамерни цели, во зависност од целта на корисникот. Сето тоа ги прави неефикасни традиционалните системи за контрола на оружјето. Сепак, може да се постават ограничувања за одредени цивилни цели и да се договорат општи правила што би го ограничиле сајбер-војувањето
Џозеф Нај
Дали еден конфликт ќе излезе од контрола зависи од можноста да се разбере или да се комуницира за обемот на непријателства. За жал, кога станува збор за сајбер-конфликт, нема договор за обем или за поврзаност со традиционалните воени мерки. Она што едната страна го смета за договорена игра или битка, може да не изгледа исто од другата страна.
Пред една деценија, САД користеа сајбер-саботажа наместо бомби за уништување на иранските објекти за збогатување ураниум. Иран одговори со сајбер-напади, кои уништија 30.000 компјутери на саудиското „Арамко“ и ги погодија американските банки. Летово, по воведувањето нови санкции од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Иран собори американско беспилотно летало за набљудување. Немаше жртви. Трамп првично планираше ракетен напад како одговор, но го откажа во последен момент во корист на сајбер-напад што уништи клучна база на податоци што ја користи иранската војска за напади врз нафтени танкери. Повторно, имаше штети, ама не и жртви. Иран тогаш, директно или индиректно, изврши софистициран напад со беспилотни летала и крстосувачка ракета против два големи саудиски нафтени објекти. Иако се чини дека немаше жртви, нападот претставува значително зголемување на штетите и ризиците.
Проблемот со перцепциите и контролата на ескалацијата не е нов. Во август 1914 година, најголемите европски сили очекуваа кратка и жестока „Трета балканска војна“. Војниците се очекуваше да се вратат дома до Божиќ. По атентатот на Франц Фердинанд, се очекуваше краток конфликт, но не и толкава ескалација што по четири години распарчи цели империи.
По 1945 година, нуклеарното оружје служеше како кристална топка во која лидерите можеа да ја видат катастрофата предизвикана од голема војна. По кубанската ракетна криза во 1962 година, лидерите ја сфатија важноста на деескалацијата, комуникацијата за контрола на оружјето и правилата на патот за менаџирање на конфликтот.
Сајбер-технологијата, се разбира, ги нема уништувачките ефекти на нуклеарното оружје, а тоа, пак, отвора други проблеми, затоа што во случајот нема кристална топка. За време на Студената војна, големите сили избегнаа директен судир, но тоа не важи за сајбер-конфликтот. Сепак, заканата од еден сајбер Перл Харбор е претерана. Повеќето сајбер-конфликти се случуваат под прагот утврден со правилата на оружен судир. Тие се економски и политички, а не смртоносни.
Не е логично да има закани за нуклеарна реакција поради компјутерска кражба на интелектуална сопственост од страна на Кина или сајбер-мешање во избори од страна на Русија. Според американската доктрина, обесхрабрувањето на напади не е ограничено на сајбер-одговори (иако и тоа е можно). САД ќе одговорат на компјутерски напади со кое било оружје во согласност со предизвиканата штета. Тоа може да варира и да вклучува директно посочување, закани, економски санкции или кинетичко оружје. Претходно оваа година, беше оценето дека новата доктрина за „постојан ангажман“не само што ги нарушува нападите туку и помага да се зајакне воздржаноста. Но техничкото преклопување помеѓу упад во мрежи за да се соберат разузнавачки податоци или да се спречат напади и да се извршат офанзивни операции честопати ја отежнува разликата помеѓу ескалацијата и деескалацијата. Наместо да се потпираме на премолчениот договор, како што понекогаш нагласуваат приврзаниците на „постојан ангажман“, можеби е неопходна експлицитна комуникација за да се ограничи ескалацијата.
Конечно, не можеме да претпоставиме дека имаме доволно искуство за да разбереме што е договорено за натпреварување во сајбер-просторот или дека можеме да бидеме сигурни како ќе се толкуваат дејствата преземени во мрежите на другите земји. На пример, руското сајбер-мешање во изборите во САД не беше договорен натпревар. Со новата сфера, како што е сајбер-конфликтот, отворената наместо обичната премолчена комуникација може да го зголеми нашето ограничено разбирање на границите.
Преговарањето за договори за контрола на сајбер-оружјето е проблематично, но тоа не ја прави дипломатијата невозможна. Во сајбер-доменот, разликата помеѓу оружјето и неоружјето може да се сведе на единствена линија код, или истата програма може да се користи за легитимни или за злонамерни цели, во зависност од намерата на корисникот. Но ако тоа ги прави традиционалните договори за контрола на оружјето невозможни за проверка, сè уште е можно да се постават ограничувања на одредени типови цивилни цели (наместо воени) и да се преговара за општи правила на патот кон ограничување на конфликтот.
Во секој случај, стратегиската стабилност на сајбер-просторот ќе биде тешко да се одржи. Бидејќи технолошката иновација е побрза од нуклеарната иновација, сајбер-војувањето се карактеризира со зголемен реципрочен страв од изненадување. Меѓутоа, со текот на времето, подобрата форензика може да ја подобри улогата на казнување и подобрата одбрана преку енкрипција или машинско учење може да ја зголеми улогата на превенција и негирање. Уште повеќе, како што државите и организациите ги разбираат подобро ограничувањата и неизвесностите на компјутерските напади и зголемената важност на интегрирањето на Интернет за нивната економска благосостојба, така може да се променат пресметките за придобивките и штетите од сајбер-војувањето. Во моментот, меѓутоа, клучот за справување со конфликтите и за нивна деескалација во сајбер-просторот е да признаеме дека имаме уште многу да учиме и да го засилиме процесот на комуникација меѓу противниците.
Авторот е професор на универзитетот Харвард