Со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството ова право за вработените не е предвидено, информираат од Министерството за труд и социјална политика
Вчерашниот прв училиштен ден беше доста стресен не само за првачињата туку и за родителите. Преминот на децата кон нешто ново што досега не го искусиле е доста голема работа за целото семејство. Тргнувањето на училиште и нивното запознавање со наставниците и со другарчињата кај најмладите предизвикува голем стрес, па од тие причини најдобро е со нив да бидат и родителите, како нивна поддршка. Меѓутоа, секое дете ја немаше таа привилегија да ги има своите родители зад себе како поддршка.
Родителите, вработени во јавниот сектор, во согласност со членот 28 од Општиот колективен договор во јавниот сектор, имаат право на еден слободен ден од работа доколку во семејството имаат прваче. За разлика од нив, голем број од вработените во приватниот сектор не добија дозвола од работодавците да присуствуваат на првиот училиштен ден на нивните деца.
– Иако газдата ми дозволи да не дојдам на работа, утрото ми се јави дека сепак сум била потребна. Ќерка ми беше навистина возбудена и се надеваше на моето присуство, но сепак морав да ја пуштам со пријателката чие дете учи во истото училиште. Сопругот исто така работи во приватен сектор. Тој воопшто не ни побара слободен ден, затоа што сопственикот однапред ги предупреди дека слободни денови за вакви работи нема. Плачеше ќерка ми, плачев и јас, зошто за тој толку важен ден од нејзиниот живот јас не можев да ѝ бидам поддршка – вели Јасмина Пејковска, мајка на прваче, вработена во продавница за детски играчки.
Ова не е единствен случај. Многу од вработените во приватниот сектор се жалат дека не добиле отпуст ниту на неколку часа.
– И покрај тоа што побарав да ме пуштат два часа, додека траат запознавањето и претставувањето, не ми беше дозволено да одам. Син ми замина со мајка ми на училиште. Тоа е тоа, каде што има сила нема правдина – вели Сузана Христоска.
За волја на вистината, има и работодавци, кои, сепак, покажале добра волја и им дале слободен ден на вработените што имаат првачиња.
– Без проблем сопственикот ме пушти дома. Секогаш е солидарен и затоа сите вработени сме релаксирани и опуштени. Без разлика дали имало препораки за бремени жени да бидат пуштени дома поради ладно или топло време, дали било роденден, газдата секогаш ни излегува во пресрет – вели Фросина Г.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ова важи само за јавниот сектор.
– Со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството ова право за вработените не е предвидено – информираат од Министерството.
Учебната година почна за околу 270 илјади основци и средношколци, а првпат во училишните клупи седнаа повеќе од 20 илјади првачиња.