Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од завчерашниот митинг пред Владата на Република Македонија побара одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Тој побара и еднаков терен за сите политички партии, претседател на ДИК по предлог од опозицијата, формирање техничка влада на сто дена пред предвремените парламентарни избори, исто како што беше во 2016-та кога, како што кажа, СДСМ и неговиот претседател Зоран Заев ги изгубија изборите.
– Да видиме дали народот се согласува со ова што го прават Зоран Заев и СДСМ – рече Мицкоски.
Тој побара промена на политичкото однесување чие ниво, според него, е драстично опаднато и се наметнати лажни стандарди и вредности.
– НАТО и ЕУ се вечен стремеж на нас и нашата генерација, одлична можност за државата и граѓаните, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Мора да веруваме во себе и да веруваме во сопствените квалитети – додаде Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија рече дека на Македонија ѝ треба и реформиран, одговорен и квалитетен СДСМ каде што, како што кажа, има многу луѓе што не се согласуваат со ова што се случува, каде што има квалитетни луѓе што можат да придонесат за доброто на Македонија.
– Но за да дојде и тоа, прво мора да се порази Зоран Заев – порача тој.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше работата на Владата предводена од премиерот Заев во изминатата година посочувајќи дека очекувањата на граѓаните биле изневерени и дека нивното достоинство било урнато.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека партијата работи на новата програма, која ќе биде нивен патоказ и која наскоро ќе биде промовирана. На митингот видеообраќања имаа премиерот на Унгарија Виктор Орбан и претседателот на ЕПП Жозеф Дол. П.Р.