Косово
Поранешната министерка за европска интеграција Дурата Хоџа се соочува со обвинениe за злоупотреба на службената положба во врска со договорот потпишан со француска компанија за односи со јавноста, која била ангажирана да го промовира планот за размена на територии како решение за спорот со Србија.
Обвинението на Специјалното обвинителство на Косово е поднесено против Хоџа и четворица сегашни и поранешни функционери на косовското министерство за склучување договор за исплата на буџетски пари за пиар-компанија со седиште во Париз, која ја промовираше „територијалната модификација“ на Косово како начин за го реши спорот Косово – Србија, идеја што беше актуелна пред две години.
Во соопштението за печатот објавено во средата, обвинителството не даде детали за обвинението, но прецизира дека Хоџа и четворица други се осомничени за злоупотреба на службената положба.
Во изјава за БИРН, Дурата Хоџа рече дека не била информирана за обвинението.
Во мај 2020 година, БИРН откри дека Министерството за европска интеграција одвои 168 илјади евра за ангажирање на француската компанија со договорот што го потпишала Хоџа, тогашна министерка за европска интеграција на Косово, од Демократската партија на Косово, која беше во владата предводена од Рамуш Харадинај.
Документите до кои дојде БИРН покажаа дека компанијата имала за задача, меѓу другото, да го формира европското мислење во корист на „територијалната модификација“ на Косово како средство за постигнување мировен договор Косово – Србија. Договорот предвидуваше некои области со мнозинско српско население на северот на Косово да се приклучуваат на Србија. Како што е познато, оваа идеја за размена на територии предизвика остри реакции и внатре и надвор од Косово.